Анри Матис

Анри Матис (француски: Henri Émile Benoît Matisse, Ле Като Камбрези, 13 декември 1869 — Ница, 3 ноември 1954) — француски сликар и вајар.

Почнал како фовист, експериментирал со поeнтилизмот но со време станал попрефинет и сликал со богат колорит, за на крајот да заврши со чиста декоративност и личен стил на колажни форми по кој станал препознатлив. Силно влијаел врз модерното европско сликарство и заедно со Пикасо е еден од главните негови претставници.

Анри Матис
Анри Матис
Фотографија на Матис од Карл ван Вехтен, 1933.
Националностфранцуско
ОбразованиеАкадемија Жилиен, Париз (Вилијам-Адолф Бугеро, Гистав Моро)
Познат(а) посликарство, графика, вајарство, цртање, колаж
Значајни делаЖена со шапка (1905)
Животна радост (1906)
Гол акт (1907)
Танц (1909)
ПравецФовизам, Модернизам, Постимпресионизам
ПокровителиГертруда Штајн, Ета Кон, Кларибел Кон, Сара Штајн, Алберт К. Барнс

Интензивната разнобојност во неговите слики во периодот од 1900 до 1905 година придонела да се вбројува како еден од фовистите (диви ѕверови). Многу од неговите најпознати дела биле создадени во оваа декада или по 1906 година, кога развил строг стил кој ги нагласувал зарамнетите форми и украсните шари. Во 1917 година, Матис се преселил во населба на Ница крај францускиот брег на Средоземното Море, а полабавиот стил во неговите дела во 1920-тите му го донел статусот на издигнувач на класичната традиција во француското сликарство. По 1930 година, применувал изразено поедноставување на формите во неговите дела. Кога неговото здравје било кревко во последните години од животот, создал значајни дела со примена на хартиени парчиња колаж.

Неговото мајсторство коешто е прикажано во дела создадени во период подолг од половина век му оддало признание за водечка личност во современата уметност.

Биографија

Анри Матис 
Потписот на сликарот
Анри Матис 
Фасада на семејната куќа на Анри Матис

Почетоци

Анри Матис 
Анри и Амелија Матис, 1898

Матис се родил на 31 декември 1869 година во Като Камбрези, во департманот Север во северниот дел на Франција, како најстар син на богат трговец со жито. Мајка му на Матис била аматерски сликар. Семејството подоцна се преселило во Боен-ан-Вермандоа каде што тој го поминал своето детство. Во 1887 година заминал за Париз да учи право и откако стекнал квалификација почнал да работи како нотарски писар во Като Камбрези. За првпат почнал да слика во 1889 година, на 20-годишна возраст, кога мајка му му донела прибор за сликање додека закрепнувал по нападот на слепо црево. Откривајќи го својот „рај“ како што рекол подоцна , тој одлучил да стане уметник, длабоко разочарувајќи го неговиот татко. Неговата прва слика, Мртва природа со книги, ја насликал во јуни 1890.

Образование

Во 1891 година се вратил во Париз за да учи уметност во Академијата Жилиен каде станал ученик на Вилијам-Адолф Бугеро и на Гистав Моро. Првично сликал мртва природа и пејзажи во традиционален стил, стекнувајќи добра вештина. Матис бил под влијание на делата на претходните мајстори како што се Жан-Батист-Симеон Шарден, Никола Пусен и Антоан Вато, на современите уметници, како Едуар Мане и јапонската уметност. Шарден бил еден од сликарите кому Матис најмногу му се восхитувал. Како студент по уметност тој направил копии од четири слики на Шарден во Лувр.

Во 1896 и 1897 година, Матис го посетил австралискиот сликар Џон Питер Расел на островот Бел Ил во близина на брегот на Бретања. Расел го запознал го запознал со Огист Роден и со Камиј Писаро, воедно со импресионизмот и со делото на Ван Гог, којшто бил пријател на Расел, но на тоа време, сосема непознат. Стилот на Матис целосно се променил. Во 1896 година, Матис изложил пет слики во салонот на Националното здружение за ликовни уметности, од кои две биле купени од страна на државата

Патувањата и сликарството во почетниот период

Со моделот Каролина Жобло, ја добил ќерката, Маргерит, родена во 1894 година. Во 1898 година, се оженил со Амелија Ноели Парер со која имал два сина, Жан (роден 1899) и Пјер (роден 1900). Децата се родиле во Тулуза каде што Анри и Амелија живееле кај нејзините родители и каде ги пораснале нивните три деца. Маргерит и Амелија честопати му служеле како модели на Матис.

Тој заминал за Лондон во 1898 година, на свадбено патување, каде по совет на Камиј Писаро го проучувал сликарството на Џ. М. В. Тарнер а потоа заминал за Корзика каде престојувал од февруари до јули 1898 сликајќи педесетина слики, меѓу кои и познатата слика Розовиот ѕид, инспирирани од стилот на Тарнер. Кога се вратил во Париз, во февруари 1899, тој работел заедно со Албер Марке и се запознал со Андре Дерен, Жан Пи и со Жил Фландрен. Матис длабоко се интересирал за делата на другите и паднал во долгови купувајќи дела од сликари на кои им се восхитувал. Во домашната колекција имало гипсена биста од Огист Роден, слика од Гоген, цртеж од Ван Гог, и сликата Трите капачки на Сезан. Во ликовната структура и боја на Сезан, Матис ја пронашол својата главна инспирација. Многу од сликите на Матис од 1898 до 1901 година се направени со употреба на дивизионистичката техника којашто ја усвоил по читањето на есејот на Пол Сињак „Од Ежен Делакроа до неоимресионизмот" Неговите слики од 1902-1903 година, период на материјални тешкотии за уметникот, се релативно темни и откриваат преокупираност со формата. Откако во 1899 година за првпат се обидел во скулптурата - копија според Антоан-Луј Бари - тој посветил голем дел од неговата енергија за да работи со глина, завршувајќи го делото Роб во 1903 година.

Фовизам

Фовизмот како стил започнал околу 1900 година. Движењето како такво траело само неколку години, 1904-1908, и имало три изложби. Водачи на движењето биле Матис и Андре Дерен. Првата самостојна изложба на Матис била во галеријата Амброаз Волар во 1904 година без многу успех. Неговиот вкус за светла и експресивна боја станал поизразен откако го поминал летото 1904 година сликајќи во Сен Тропе со неоимпресионистите Сињак и Анри-Едмон Крос. Истата година тој го насликал најзначајното негово дело во неоимпресионистички стил, Луксуз, мир и задоволство (1905) денес изложена во музејот Орсе во Париз.

Во 1905 година тој отпатувал на југ повторно да работи со Андре Дерен во Колиур. Неговите слики од овој период се одликуваат со рамни форми и контролирани линии, со користење на поeнтилизам не толку ригорозно колку порано. Матис и група на уметници, познати како фовисти, имале заедничка изложба во просторија во Есенскиот салон во Париз, во 1905 година. Сликите изразувале емоции со диви, честопати неускладени бои, не обѕирајќи се на природните бои на предметот. Матис во Салонот ги изложил Отворен Прозорец и Жена со шапка. Сликата на Жена со шапка, била купена од страна на Гертруда и Лео Штајн.

Анри Матис 
Армори шоу 1913 година, Меѓународна изложба за модерна уметност (Собата на кубистите)
Анри Матис 
Графити во Вилнус, Литванија, инспирирани од „Танцот“ на Анри Матис.

Матис, заедно со Андре Дерен, се сметал за предводник на фовистите. Тие двајца биле пријателски соперници, секој имајќи свои следбеници. Другите членови биле Жорж Брак, Раул Дифи и Морис де Вламинк. Симболистот Гистав Моро (1826–1898) бил инспиративен учител на движењето. Како професор на Школата за ликовни уметности во Париз, тој ги поттикнувал неговите студенти да размислуваат надвор од формалноста и да ги следат нивните визии. Во 1907 година, Гијом Аполинер, коментирајќи за Матис во една статија објавена во Ла Фаланг, напишал: „Тука не сме во присуство на екстравагантен или екстремистички подвиг: уметноста на Матис е еминентно разумна.“ Но делото на Матис на тоа време, се соочувало и со остра критика и тој имал материјални тешкотии. Неговата слика Син акт (1907) изгорела во Армори шоу во Чикаго во 1913 година. Пропаѓањето на фовистичкото движење по 1906 година немало влијание на кариерата на Матис. Многу од неговите најдобри дела биле создадени помеѓу 1906 и 1917 година, кога тој бил активен во големиот собир на уметнички таленти во Монпарнас, иако не се вклопувал сосема со својот конзервативен изглед и строгите буржоаски работни навики. Тој продолжил да ги апсорбира новите влијанија. Отпатувал во Алжир во 1906 проучувајќи ја африканската уметност. Откако ја видел голема изложба на исламската уметност во Минхен во 1910, поминал два месеци во Шпанија проучувајќи ја уметноста на Маврите. Тој го посетил Мароко во 1912 година, а потоа и во 1913, и додека сликал во Тангер направил неколку промени во своето творештво, вклучително и користењето на црната како боја. Влијанието на уметноста на Матис била нова храброст во користење интензивна, немодулирана боја како во делото Црвеното атеље (1911). Матис имал долга соработка со рускиот уметнички колекционер Сергеј Штукин. Тој го создал едното од неговите најзначајни дела Танцот специјално за Штукин. Второто за него било делото Музика, 1910. Една постара верзија на Танцот (1909) е дел од колекцијата на Музејот на модерната уметност во Њујорк.

Покровителство

Анри Матис 
Анри Матис, 13 мај 1913, Париз. Фотографија на Авен Лангдон Кобурн
Анри Матис 
Лео, Гертруда и Мајкл Штајн

Околу април 1906 година тој се запознал со Пабло Пикасо, кој бил 11 години помлад од Матис. Двајцата станале долгогодишни пријатели, но и соперници кои често се споредуваат. Клучната разлика помеѓу нив е дека Матис цртал и сликал од природата, додека Пикасо е многу повеќе склон да работи според имагинацијата. Темите кои се насликани најчесто од страна на двајцата уметници биле жени и мртва природа. Матис и Пикасо за првпат се сретнале во салонот на Гертруда Штајн и нејзиниот придружник Алис Б. Токлас. Во тек на првата декада на 20 век, Американците во Париз—Гертруда Штајн, нејзините браќа Лео Штајн, Мајкл Шајн и жената на Мајкл, Сара—биле значајни колекционери и покровители на сликарството на Матис. Освен нив, американските пријателки на Гертруда од Балтимор, Кларибел и Ета Кон, познати како станале главни покровителки на делата на Матис и на Пикасо, собирајќи стотици нивни слики и цртежи. Колекцијата Кон денес е изложена во Уметничкиот музеј во Балтимор.

Голем број уметници го посетувале салонот на Штајн, но многу од тие уметници немале среќа нивните слики да бидат закачени ѕидовите во улицата Флерис, бр. 27 во Париз. Додека делата на Реноар, Сезан, Матис и Пикасо доминирале во колекцијата на Лео и Гертруда Штајн, во колекцијата на Сара Штајн особено бил застапен Матис. Современици на Лео и Гертруда Штајн, Матис и Пикасо станале дел од нивниот социјален круг и вообичаено биле дел од саботните вечери во салонот кога се собирале уметниците. Гертруда Штајн за почетокот на ваквите собирања рекла:

Сѐ почесто и почесто, луѓето почнуваа да доаѓаат за да ги видат сликите на Матис—и оние на Сезан: Матис донесе луѓе, секој носеше по некој, и тие доаѓаа во секое време и тоа почна да станува непријатно, и на тој начин, започнаа саботните вечери.


Анри Матис 
Во Академијата Матис околу 1910 година. Право: Вилхелм Штраубе. Лево: Валтер А. Росам. На десната страна седи Франц Нолкен
Анри Матис 
Групна фотографија на учениците на Матис, 1909.

Меѓу познаниците на Пабло Пикасо кои исто така го посетувале салонот во сабота навечер биле: Фернанда Оливје (љубовницата на Пикасо), Жорж Брак, Андре Дерен, поетите Макс Жакоб и Гијом Аполинер, Мари Лоренсен (љубовницата на Аполинер и самопрогласен уметник) и Анри Русо. Неговите пријатели ја организирале и финансирале Академијата Матис во Париз, приватно и некомерцијално училиште во кое Матис подучувал млади уметници. Академијата работела од 1907 до 1911 година на иницијатива која потекнала од Штајнови и редовните гости на Кафе Ле Дом, вклучително и Ханс Пурман, Патрик Анри Брус и Сара Штајн. Матис поминал седум месеци во Мароко од 1912 до 1913 година, изработувајќи околу 24 слики и бројни цртежи. Неговите чести ориентални теми на подоцнежните слики, како што се одалиските, се должат на овој период.

Преселбата од Париз

Анри Матис 
Анри Матис и Фридрих Вилхелм Мурнау на Тахити, 1930.

Во 1917 година, Матис се преселил во Симиез наФранцуската ривиера, во предградието на градот Ница. Таа деценија во неговото дело се чувствува релаксираност и омекнување во приодот. Ова „враќање кон редот“ (француски: Retour à l'ordre) е многу карактеристично во уметноста во периодот по Првата светска војна и може да се спореди со неокласицизмот на Пикасо и Стравински како и со враќањето на традиционализмот на Дерен. За овој период карактеристични се неговите ориентални одалистички слики. Иако ова творештво било прифатено и популарно, некои критичари го сметале за плитко и декоративно. Во доцните 1920-ти, Матис повторно се ангажирал во активни соработки со други уметници. Тој не работел само со Французи, Холанѓани, Германци, Шпанци туку и со неколку Американци и со скорешни американски имигранти. По 1930 година, нова енергија и смело поедноставување се појавило во неговото дело. Американскиот колекционер на уметност Алберт К. Барнс го убедил да изработи голем мурал за Фондацијата Барнс, Танцот II, кој бил завршен во 1932 година. Фондацијата поседува неколку десетици други слики од Матис. Овој потег на поедноставување и техника со колажни исечоци, се гледа и во неговата слика Голем легнат акт (1935) позната и како Розов акт, денес изложена во музеј во Балтимор. Матис работел на оваа слика во текот на неколку месеци и го документирал напредокот со серија од 22 фотографии кои ги испратил на Ета Кон.

Воените години

Анри Матис 
Анри Матис, есента 1909, Иси-ле-Мулино, фотографија од Едвард Штајхен.

Сопругата на Матис, Амелија, која се сомневала дека тој има љубовна врска младата руска емигрантка, Лидија Делекторскаја, го завршила нивниот 41-годишен брак во јули 1939 година, делејќи го нивниот имот подеднакво помеѓу нив. Делекторскаја се обидела да се самоубие пукајќи си во градите, но сепак преживеала без некои сериозни последици. Таа кај Матис работела до крајот на животот, водејќи му го домаќинството, плаќајќи ги сметките, пишувајќи ја неговата коресподенција, чувајќи детална евиденција, помагајќи му во студиото и координирајќи ги неговите деловни работи.

Кога нацистите ја нападнале Франција во јуни 1940 година, Матис бил во посета на Париз но успеал да се врати назад до Ница. Неговиот син, Пјер, дотогаш сопственик на галерија во Њујорк, го молел да побегне, додека може. Матис имал намера да се качи на брод за Бразил да побегне од окупацијата, но се премислил и останал во Ница, во Франција. Во септември 1940, напишал: „Тоа ми се чинеше како дезертерство. Ако секој кој има некаква вредност ја напушти Франција, што останува од Франција?“ Иако тој никогаш не бил член на отпорот, гордост им било на окупираните Французи дека една од нивните најважни реномирани уметници одбрал да остане. Додека нацистите ја окупирале Франција од 1940 година до 1944 година тие не биле толку строги во нападите врз „дегенерираната уметност“ во Париз колку што биле кај народите кои зборувале на германски јазик под нивната воена диктатура па на Матис му било дозволено да има изложби, заедно со другите поранешни фовисти и кубисти кои Хитлер првично тврдел дека ги презира. За да можат да изложуваат француските уметници морале да потпишат заклетва со цел да се осигура нивниот „ариевски“ статус - вклучително и Матис. Тој работел и како графички дизајнер и изработувал црно-бели илустрации за неколку книги и над сто оригинални литографии во студијата Мурло во Париз.

Во 1941 година, на Матис му бил дијагностициран абдоминален рак. Операцијата, иако успешна, резултирала со сериозни компликации од кои за малку ќе умрел. Врзан за кревет три месеци развил нова форма на уметност користејќи хартија и ножици.

Истата година, негувателка по име Моник Буржоа се пријавила кај Матис за негувателка. Помеѓу Матис и Буржоа се развило платонско пријателство. Откако Буржоа го напуштила за да се закалуѓери во 1944 година, Матис останал во контакт со неа. Буржоа станала доминиканска калуѓерката во 1946 година, а во нејзина чест Матис ја насликал црквата во Ванс, мал град во департманот Поморски Алпи, каде што Матис се преселил во 1943 година.

Во текот на војната, Матис во најголем дел била настрана, живеејќи во јужниот дел на Франција, додека неговото семејство било подиректно вклучено во францускиот отпор. Синот Пјер, трговец со уметност во Њујорк, им помогнал на еврејските и антинацистичките француски уметници коишто ги застапувал да избегаат од окупираната Франција и да емигрираат во САД. Во 1942 година, тој одржал изложба во Њујорк, „Уметници во егзил“. Бившата жена на Амелија, работела за отпорот и била во затвор шест месеци. Матис бил шокиран кога слушнал дека неговата ќерка Маргерит, која била членка на отпорот за време на војната, била мачена (речиси до смрт) од страна на Гестапо во затвор во Рен и била осудена на концентрациониот логор Равенсбрик во Германија. Маргарет успеала да избега од возот за Равенсбрик, кој бил застанат во текот на сојузнички воздушен напад. Таа преживеала во шумата во хаосот на последните денови од војната, додека да ја спасат членовите на отпорот. Еден од учениците на Матис, Рудолф Леви бил убиен во Аушвиц во 1944 година.

Последните години

Колажи

Дијагностициран со абдоминален рак во 1941 година, Матис бил подложен на операција која поминала успешно но го оставила врзан за кревет. Сликарството и скулптурата станале физички предизвици па тој се свртел кон еден нов вид уметност. Со помош на неговите помошници, тој почнал да создава колажи. Сечел листови хартија, претходно обоени со темпера од страна на неговите помошници, во различни форми, бои и големини и потоа ги подредувал за да образува жива композиција. На почетокот, овие парчиња биле скромни во големина, но на крајот се претвориле во мурали или дела со големина на соба. Резултатот бил посебна и димензионална комплексност—уметничка форма која не била баш сликарство, ниту баш скулптура.

Иако сечењето хартија било главно во последната деценија на животот на Матис, оваа техника за првпат била употребена во 1919 година за време на дизајнот на декорот за Песна на славејот, опера на Игор Стравински. Алберт К. Барнс организирал да се изработат картонските мостри со необични димензиите на ѕидовите каде Матис, во неговото студио во Ница, ја фиксирал композицијата. Друга група исечоци биле направени помеѓу 1937 и 1938 година, додека Матис ја работел на сценографијата и костимографијата за Руските балети на Сергеј Дјагилев. Сепак, дури по неговата операција кога останал врзан за креветот Матис почнал да ја развива оваа техника како негова форма.

Анри Матис 
На прозорецот од Матис, 1984, поштенска марка од Југославија

Тој се преселил во Ванс во 1943 година, каде што го изработил првиот колажен труд, илустрациите за неговата книга со наслов Џез. Сепак, овие исечоци биле замислени како дизајн за книгата а не како независни ликовни творби. Во тој момент, Матис сè уште мислел дека колажите се надвор од неговата главна форма на уметност. Неговото ново разбирање на овој израз се случува во воведот за Џез во 1946. По сумирањето на неговата кариера, Матис зборува за можностите што ги нуди колажот инсистирајќи на следново:

„Уметникот никогаш не смее да биде затвореник на себеси, затвореник на некаков стил, затвореник на некаква репутација, затвореник на некаков успех...“


Анри Матис 
Анри Матис (десно) во 1953 година

Бројот на самостојно смислени колажи постојано се зголемувал по Џез, и на крајот тоа довело до создавање на мурали, како што се Океанија Небото и Океанија Морето од 1946 година. Според насоки на Матис, Лидија Делекторскаја, неговата асистентка, лабаво закачувала силуети на птици, риби и морска вегетација директно врз ѕидовите од собата. Двете дела Океанија, неговиот прв таков колаж, ја евоцираат посетата на Тахити која тој ја направил пред повеќе години.
Во 1948 година, Матис почнал да го подготвува дизајнот за црквата Розариј од Ванс, што му овозможило да ја прошири оваа техника во рамки на вистински декоративен контекст.

Завршувајќи ја неговата последна слика во 1951 година (и година претходно, последната скулптура), Матис го користел колажот како единствен израз, сѐ до неговата смрт во 1954 година.

Анри Матис 
Музејот Матис во Ле Като

Црквата во Ванс и музејот

Декорацијата на црквата, наречена и Матисовата капела, во Ванс, било како резултат на блиското пријателство помеѓу Матис и Буржоа, сестра Жак-Мари, и покрај тоа што тој бил атеист.

Анри Матис 
Музејот на Матис во Ница, Франција

Тие се сретнале повторно во Ванс и започнале соработка, приказна раскажана во нејзината книга Анри Матис: Црквата од Ванс (1992) и во документарниот филм „Моделот за Матис“ од 2003 година.

Во 1952 година тој основал музеј посветен на неговата работа, Музејот Матис во Ле Като и овој музеј е сега третата најголема збирка на творештвото на Матис во Франција.

Според Дејвид Рокфелер, последно дело на Матис бил витражот во црквата во Покантико Хилс во близина на имотот на Рокфелер во северниот дел на Њујорк. Рокфелер рекол: „Тоа беше неговата последна ликовна творба. Макетата била на ѕидот во неговата соба кога починал во ноември 1954 година“. Инсталацијата била завршена во 1956 година.

Матис починал од срцев удар на возраст од 84 години на 3 ноември 1954 година а закопан е на гробиштата на манастирот Нотр Дам од Симиез, во близина на Ница.

Анри Матис 
Анри Матис во музејот Ермитаж, Санкт Петербург

Стилот

Анри Матис 
Стилот на Матиз како инспирација: Столб во Винчестер Англија, избоен во стилот на Чудовишта на морето од Анри Матис.

Помеѓу 1908 и 1913 година Матис патувал во Шпанија, Германија, Русија и Африка. Во Минхен, Германија, видел изложба на исламска уметност (1910) а во Москва, Русија ги проучувал руските икони (1911). Руски колекционери почнале да ги купуваат неговите слики. Тој изработил пет скулптури - главите на Жанета - во текот на 1910 и 1911 година, кои покажуваат сличност со африканските маски и скулптури. Неговото мароканско патување од 1911-12 имало позитивно влијание врз неговиот развој, што се гледа во делата Танцот, Музиката, Црвените риби и серијата ентериери од студиото и неговата содржина. Тие покажуваат строг и компактен стил со црни, сиви, зелени и кафеави тонови. Големите изложби на Матис се одржале во 1910, 1913 и 1919 година.

До 1919 година Матис станал меѓународно познат сликар. Неговиот стил во тоа време се одликува со употреба на чисти бои и нивната комплексна игра (хармонии и контрасти), дводимензионалноста на површината на сликата збогатена со декоративни шаблони земени од позадини, ориентални теписи и ткаенини, човечките фигури, се третираат како декоративните елементи. Целта на уметноста на Матис била прикажувањето на радоста на живеењето во контраст со стресот на технолошкото доба.

Помеѓу 1920 и 1925 година завршил серија одалиски (женски робови) -Одалиска со дигнати раце (1923) - и овој негов период се нарекува оаза на леснотија.

Кариерата на Матис, може да се подели во неколку стилски периоди кои носат промени, но крајната цел останува секогаш иста – да се открие суштинскиот карактер на нештата и да се создава уметност на рамнотежа, чистота и спокојство, како што тоа и самиот го рекол во „Белешки на сликарот“ во 1908 година. Овие години биле фокусирани на уметност, но и декорација, на неколку големи платна како Легната одалиска две големи дела налик на мурали, големи студиски ентериери и група на спектакуларни марокански слики.

Следните четири години се проследени со дискурс и експериментирање со кубизмот на Пикасо. Резултат на овој период се композициите кои се многу построги, речиси геометриски структурирани, на моменти многу блиску до апстракција, како на пример во Поглед од Нотр Дам, Жолта завеса, Капачки на реката и група портрети, каде седечката фигура е позиционирана спроти тенко нанесена неутрална позадина.

Во 1930 ја насликал композицијата Танцот која се истакнува со едноставноста на женските фигури, во темпераментна интерпелација наспроти апстрактната, речиси геометриска позадина. Тој започнал да користи нова техника, односно го гради составот на силуетите од претходно исечени и обоени хартии. Од 1940 година, оваа колажна техника станала доминантна во неговото творештво.

Друг медиум подложен на експериментирање бил цртежот. Како најдиректен израз на мислата на уметникот, цртањето често му помагало во работата на композициските и стилските проблеми или нови идеи. Во раните 50-ти години, неговите цртежи стануваат посмели, контурите подебели, формата уште поедноставна и лишена од детали. Скулптурата е медиум кој го користи меѓу 1900 и 1910 година, каде често работи во серии со манипулирање и поедноставување на формите.

Креативноста на Матис се проширува и во областа на графичката уметност и илустрациите за книга, кога тој веќе се наоѓа во своите шеесетти години, а кулминира со силуетните композиции за неговата книга Џез, објавена во 1947 година.

Највисокото достигнување во неговата кариера е параклисот во Ванс, каде ги создал сите ѕидни декорации, мебелот, прозорците од обоено стакло, па дури и одеждите на свештениците.

Наследство

Анри Матис 
Гробот на Анри Матис и неговата жена Ноели, на гробиштата на манастирот Нотр Дам од Симиез, Симиез, Франција

Првата слика на Матис купена на јавно наддавање била Мртва природа со сардели (1910), денес изложена во Пинакотек дер Модерне.

Неговата слика Цвет на сливи (1948) била купена на 8 септември 2005 година, за Музејот на современа уметност во Њујорк. Проценетата вредност била 25 милиони долари. Претходно, сликата за последен пат била видена во јавност во 1970 година.

Анри Матис 
Потписот на сликарот

Во 2002 година, скулптура на Матис, Полулегнат акт I (Зора), се продала за 9,2 милиони долари, рекордна цена за скулптура на некој уметникот.

Ќерката на Матис, Маргерит, често им помагала на проучувачите на делото на Матис со согледувања околу неговите работни методи и неговите дела. Таа починала во 1982 година при составувањето каталог за творештвото на нејзиниот татко.

Синот Пјер Матис (1900-1989) отворил модерна уметничка галерија во Њујорк за време на 1930-тите. Во Пјер Матис Галерија, која била активна од 1931 до 1989 година, се претставиле голем број европски уметници и неколку Американци и Канаѓани во Њујорк честопати за првпат. Тука изложувале Џуан Миро, Шагал, Алберто Џакомети, Жан Дибифе, Андре Дерен, Ив Танги, Ле Корбизје, Пол Делво, Вифредо Лам, Жан-Пол Риопел, Балтус, Леонора Карингтон, Зао Ву Ки, Сем Френсис, вајарите Теодор Росцак, Рејмонд Мејсон и Рег Батлер, како и неколку други важни уметници, вклучително и делата на Анри Матис.

Внукот на Анри Матис, Пол Матис е уметник и иноватор кој живее во Масачусетс. Правнуката на Матис, Софи Матис е активен уметник. Правното лице Еритје Матис (ориг. Heritiers Matisse) функционира како службен наследник на делото на Матис. Претставник на Еритје Матис за САД е Друштвото за авторски права.

Скорешни изложби

Анри Матис 
Брошура за изложбата „Од Матис до денес“ (Музеј на ликовни уметности во Лил)

Изложбата Анри Матис: Колажи била изложена во Тејт модерн во Лондон, од април до септември 2014 година. Шоуто било најголемото и најобемното прикажување на монтирани колажи, вклучително и околу 100 хартиени макети—позајмени од меѓународни јавни и приватни збирки, како и избор на поврзани цртежи, графики, илустрирани книги, обоено стакло и текстил. Вкупно, ретроспективата вклучувала 130 дела од неговото творештво од 1937 до 1954 година. Шоуто Тејт модерн било прво во историјата кое привлекло повеќе од половина милион луѓе. Шоуто потоа отпатувало во Музејот на модерна уметност во Њујорк, каде што било поставено до 10 февруари 2015 година. Новоконзервираниот колаж, Базен, кој бил исклучен од прикажување повеќе од 20 години, се вратил во галериите како централен дел на изложбата.
Во музејот Ермитаж, холот 440, кој се нарекува Матисовата соба, целосно е посветен на делата на Анри Матис.

Дела

  • Мртва природа со стомна, околу 1896-1897, музеј Малро, Ле Авр.
  • Градината на Реноар, Национален музеј за ликовни уметности во Алжир, Алжир.
  • Розовиот ѕид (од болницата Ајачо), 1897-1898, Центар Помпиду, Париз. Оваа слика, исчезната во 1914 година, била пронајдена во 1948 година, сокриена кај поранешен СС, Курт Герштајн, во близина на Тибинген.
  • Луксуз, смиреност и задоволство, 1904, музеј Орсе, Париз.
  • Жена со шапка, 1905, Музеј на модерната уметност, Сан Франциско.
  • Сиеста, 1905.
  • Портрет на г-ѓа Матис, познат како Зелената црта, 1905 година, Национален музеј, Копенхаген.
  • Радоста на животот, 1905-1906, Фондацијата Барнс, Филаделфија.
  • Поглед на Колиур, 1906, музеј Ермитаж.
  • Црвениот тепих, 1906, музеј на Гренобл.
  • Маргерит чита, 1906, музеј на Гренобл.
  • Син акт, спомен на Бискра, 1907 година, Музеј на уметност, Балтимор.
  • Црвениот десерт, 1908 година, оригиналната верзија била во сина боја, но му била испорачана во црвено на московскиот колекционер Сергеј Штукин.
  • Радоста на животот, 1908.
  • Танц и музика, за московскиот колекционер Сергеј Штукин, 1909-1910, Музеј Ермитаж, Санкт Петербург.
  • Мртва природа со сардели, 1910, Пинакотек де Модерне, Минхен.
  • Хоакина, масло на платно (55 × 38,5 см), 1910, Национална галерија Прага .
  • Црвеното ателје, 1911, Њујорк, МОМА.
  • Француски прозорец во Колиур, 1914, Центар Жорж Помпиду, Париз.
  • Прозорецот, 1916, Институт за уметност, Детроит.
  • Девојки на реката, 1916-1917, Институт за уметност во Чикаго, Чикаго.
  • Портрет на Огист Пелерин, 1917, Национален музеј на модерната уметност, Париз.
  • Антикатар Жорж-Џозеф Демот, 1918 година, стекнал во 1947 година од страна на Музејот на ликовни уметности во Лион.
  • Прозорецот се отвори во Ница, 1919 година, музејот Алберт-Андре, Бањолс-сур-Чез.
  • Внатре во Виолина кутија, 1919, Музеј на современата уметност, Њујорк.
  • Пејзаж или улица на југ, 1919 година, Музеј за ликовни уметности Андре Малро, Ле Авр.
  • Одалиска со црвени панталони, 1925, Музејот на Арте Контемпоранео Каракас, Венецуела.
  • Сивата и жолтата одалиска, 1925, се продадени за 14,7 милиони долари во 2007 година.
  • Одалиска со бумбарот, 1926.
  • Декоративна фигура на декоративна позадина, 1927, Центар Жорж Помпиду, Париз.
  • Танцот на Мерион (познат како) 1933, триптих (1 037 × 450 см). Две верзии кои постојано се изложени на Музејот на современа уметност во градот Париз, финалната верзија е инсталирана во Мерион во Фондацијата Барнс (Филаделфија) во САД.
  • Голем легнат акт, 1935, масло на платно (66 × 93 см). Музеј на уметност, Балтимор.
  • Тахити II, 1935-1936, Музеј Матис, Ле Като-Кембре.
  • Две девојки, жолта облека, шкотски фустан, 1941, музеј Матис, Ле Като-Кембре.
  • Танчарка во фотелја, 1942 година, на аукција во јуни 2007 година.
  • Црната врата, 1942 година.
  • Млада жена во бела, црвена позадина, 1946, Музеј за ликовни уметности Лион.
  • Азија, 1946, Музеј на уметноста Кимтел, Форт Ворт.
  • Џез, 1947 обоени фигури од хартија, подарок на уметникот во 1948 година на Музејот за ликовни уметности Лион.
  • Син акт I, 1952, Фондација Бејлер, Базел.
  • Син акт II, 1952, Центар Жорж Помпиду, Париз.
  • Син акт III, 1952, Центар на Жорж Помпиду, Париз.
  • Син акт IV, 1952, Музеј Матис, Ница.
  • Тагата на кралот, 1952, Центар Жорж Помпиду, Париз.
  • Лозје, 1953, Музеј Матис, Ле Като-Кембре.
  • Параклисот во Банс, што претставува архитектонско дело кое се смета за ремек-дело, го направил на крајот на својот живот и тука ги синтетизирал сите негови уметнички истражувања.
  • Лице на жолта позадина, 1952 година, музеј во Гренобл.
  • Творештвото исто така вклучува значајни серии на скулптури од бронза (Жанета бисти, 1910-1913; четири актови од, релјеф, 1909-1930), речиси 500 гравирани делови (текстови, дрво, литографии), илустрации за Песни од Маларме (1932), писма на португалска калуѓерка (1946), Антологија на љубови од Ронсар (1948).

Портрет на сликарот

    Филмски драматизации
  • Ив Антоан Спото го глуми Матис во филмот на Вуди Ален од 2011 година Полноќ во Париз.
  • Ендру Бушан го глуми Матис во серијата Гениј од 2018 година.
    Книжевност
  • Луј Арагон, Анри Матис, роман, Галимар, 1971. Поетот Луј Арагон сакал да напише роман каде Матис би бил главен лик. Не можејќи да го напише, објавил компилацијата на неговите интервјуа, ги претставил каталозите, статиите и конференции за Матис и неговото дело.
  • Во расказот на Реј Брадбери „Чипот за покер на Анри Матис“ алудира на тоа дека Матис на некој Американец му нацртал око на чип за покер за овој да го користи како монокл.

Книги и есеи

  • Белешки на сликарот (француски: "Note d'un peintre"), 1908
  • Белешки на еден сликар за неговиот цртеж (француски:"Notes d'un peintre sur son dessin"), 1939
  • Ликовно портфолио Џез, 1947
  • Матис во уметноста, збирка на Џек Д.Флам, 1973
  • Разговор со Анри Матис: Изгубеното интервју од 1941, Гети публикации, 2013

Наводи

Литература

  • Alfred H. Barr, Jr. Matisse: His Art and His Public New York: The Museum of Modern Art, 1951. ISBN 0-87070-469-9; ISBN 978-0-87070-469-7.
  • Olivier Berggruen and Max Hollein, Editors. Henri Matisse: Drawing with Scissors: Masterpieces from the Late Years. Prestel Publishing, 2006. ISBN 978-3791334738.
  • F. Celdran, R.R. Vidal y Plana. Triangle : Henri Matisse – Georgette Agutte – Marcel Sembat Paris, Yvelinedition, 2007. ISBN 978-2-84668-131-5.
  • Jack Cowart and Dominique Fourcade. Henri Matisse: The Early Years in Nice 1916–1930. Henry N. Abrams, Inc. 1986. ISBN 978-0810914421.
  • Raymond Escholier. Matisse. A Portrait of the Artist and the Man. London, Faber & Faber, 1960.
  • Lawrence Gowing. Matisse. New York, Oxford University Press, 1979. ISBN 0-19-520157-4.
  • Hanne Finsen, Catherine Coquio, et al. Matisse: A Second Life. Hazan, 2005. ISBN 978-2754100434.
  • David Lewis. "Matisse and Byzantium, or, Mechanization Takes Command" in Modernism/modernity 16:1 (јануари html January 2009), 51–59.
  • John Russell. Matisse, Father & Son, published by Harry N. Abrams, NYC. Copyright John Russell 1999, ISBN 0-8109-4378-6
  • Pierre Schneider. Matisse. New York, Rizzoli, 1984. ISBN 0-8478-0546-8.
  • Hilary Spurling. The Unknown Matisse: A Life of Henri Matisse, Vol. 1, 1869–1908. London, Hamish Hamilton Ltd, 1998. ISBN 0-679-43428-3.
  • Hilary Spurling. Matisse the Master: A Life of Henri Matisse, Vol. 2, The Conquest of Colour 1909–1954. London, Hamish Hamilton Ltd, 2005. ISBN 0-241-13339-4.
  • Alastair Wright. Matisse and the Subject of Modernism Princeton, Princeton University Press, 2006. ISBN 0-691-11830-2.

Поврзано

Надворешни врски

Анри Матис 
Викицитат има збирка цитати поврзани со:
Анри Матис  Статијата „Анри Матис“ е избрана статија. Ве повикуваме и Вас да напишете и предложите избрана статија (останати избрани статии).

Tags:

Анри Матис БиографијаАнри Матис ФовизамАнри Матис ПокровителствоАнри Матис Воените годиниАнри Матис Последните годиниАнри Матис СтилотАнри Матис НаследствоАнри Матис Скорешни изложбиАнри Матис ДелаАнри Матис Портрет на сликаротАнри Матис Книги и есеиАнри Матис НаводиАнри Матис ЛитератураАнри Матис ПоврзаноАнри Матис Надворешни врскиАнри Матис13 декември186919543 ноемвриВајарКолажНицаПабло ПикасоСликарФовизамФранцуски јазик

🔥 Trending searches on Wiki Македонски:

А1-телевизијаГолем ГрадДијаспораВитамин Б6Бик (хороскопски знак)Речник на стари македонски зборовиПрва светска војнаАлергиски дерматозиДен на планетата ЗемјаФК ЧелсиЕндометриозаЃорче ПетровСистем за варењеГордана Силјановска-ДавковаСвети Наум Охридски ЧудотворецГрегоријански календарСтојан ТарапузаБугарски возАцо КарамановКирилицаМалиот принцХрватски месециНеврогеномикаКрвни плочкиПрва балканска војнаЛазарова саботаРуса треваПреспански договорДенес над МакедонијаСолунски атентатиБелградМакедонски претседателски избори, 1994СнегБисера Костадиновска-СтојчевскаТромбоцитопенијаМакедонски парламентарни избори (2008)Општина КумановоРомантизамЦар СамоилСулејман ВеличествениотАвтоимуна болестБосна и ХерцеговинаКирил ПејчиновиќИстанбулУпад во Собранието на Македонија (2017)Партија на обединети демократи на МакедонијаМакедонски АлбанциЉупчо ГеоргиевскиТрифун КостовскиБаталјон за специјални намениСојуз на комунистите на МакедонијаСписок на дипломатски претставништва во МакедонијаСојузни држави на САДВодноСолунОбласти во КазахстанБигорски манастирСтефан ЛазаровОпштина СарајБеровоПартија за движење на Турците во МакедонијаБлаже КонескиЕмре БејПремиер на МакедонијаУнгаријаВасил ИљоскиСписок на држави и територии во ЕвропаВладо ЧерноземскиЛитванијаНезависен политичарСветлана МојсовНовак ЃоковиќНова социјалдемократска партијаСредоземно МореУниверзитет „Св. Кирил и Методиј“Петар Поп АрсовПолскаСписок на македонски филмови🡆 More