Славко Јаневски (Скопје, 11 јануари 1920 — Скопје, 20 јануари 2000) — истакнат македонски раскажувач, романописец, поет, филмски сценарист, есеист и сликар.
Долги години бил член на МАНУ и Друштвото на писатели на Македонија. Тој припаѓа на првата генерација македонски писатели по Втората светска војна, која ги поставила темелите на современата македонска книжевност. Неговиот роман „Село зад седумте јасени“ (1952) е првиот роман објавен на стандарден македонски јазик.
Славко Јаневски | |
---|---|
Портрет на Славко Јаневски | |
Роден/а | 11 јануари 1920 Скопје, Кралство СХС (денес Македонија) |
Починат/а | 20 јануари 2000 Скопје, Македонија |
Занимање | раскажувач, романописец, поет, филмски сценарист, есеист и сликар |
Националност | Македонец |
Државјанство | македонско и југословенско |
Народност | Македонец |
Образование | Средно стручно училиште |
Период | 1945-2000 |
Предмет | поезија и проза за возрасни, книжевна есеистика, сценарија, романса |
Книжевно движење | современа македонска книжевност |
Значајни дела | „Село зад седумте јасени“ и др. |
Значајни награди | „АВНОЈ“,„11 октомври“, „Браќа Миладиновци“ и др. |
Поради својата плодна творечка кариера, Јаневски бил одликуван со поголем број награди и признанија, меѓу кои наградите „АВНОЈ“, „11 октомври“ и „Браќа Миладиновци“. Во негова чест во паркот „Жена-борец“ во Скопје е поставен споменик изработен од академик Томе Серафимовски. Покрај тоа, во негова чест е именувана и читална во Скопје, која била пуштена со работа во 2013 година.
Во 2013 година, Комисијата за лустрација на Македонија објавила дека дошла до заклучок дека Славко Јаневски бил соработник на југословенските тајни служби. Ова резултирало со остри реакции и неприфаќање на одлуката од страна на МАНУ, ДПМ, и пошироката македонска јавност.
Советот на Град Скопје, 2020 година ја прогласи за година на Славко Јаневски, во чест на стогодишнината од неговото раѓање.
Јаневски е роден во Скопје, каде што завршил основно и стручно-техничко училиште. Учествувал во НОБ. Од 1945 година е уредник на првиот македонски весник за деца „Пионер“, а потоа бил главен уредник на повеќе книжевни списанија, како што се: списанието за деца „Титовче“, списанијата за литература и уметност „Нов ден“ и „Современост“, литературниот весник „Хоризонт“ и хумористично-сатиричниот весник „Остен“. Во меѓувреме работел како уредник во издавачките куќи „Кочо Рацин“, „Наша книга“ и „Македонска книга“.
Во 1946 година, во Скопје, Славко Јаневски, Блаже Конески, Ацо Шопов, Владо Малески и Коле Чашуле го формирале Друштвото на писателите на Македонија, кое тогаш броело седум члена. Потоа, Јаневски бил и претседател на Друштвото. Исто така, тој бил член на Македонскиот ПЕН центар, претседател на Советот на СВП, како и член на МАНУ од нејзиното основање во 1967 година.
Јаневски оставил трага и во македонската кинематографија, како автор на неколку филмски сценарија: во 1967 година, тој ја адаптирал класичната историска драма на Војдан Чернодрински „Македонска крвава свадба“, во режија на Трајче Попов; соработувал со Панде Ташковски на филмската адаптација на епскиот воен роман „Доследни на заветот“, пренасловен во „Македонскиот дел од пеколот“, во режија на Ватрослав Мимица; и ја адаптирал сопствената хуманистичка новела „Две Марии“ за филмот со наслов „Јазол“, во режија на Кирил Ценевски.
Во јуни 2013 година, Комисијата за лустрација против Славко Јаневски спровела процес на лустрација, во којшто утврдила дека соработувал со тајните служби. Имено, според Комисијата, тој следел писатели и уметници, користејќи го псевдонимот „Славјан“, и тврдел дека нивните дела претставуваат лоша литература. Реакции против ваквата одлука пристигнале од страна на МАНУ, Друштвото на писателите на Македонија, Македонскиот ПЕН-центар и пошироката културна јавност во Македонија. МАНУ дури јавно побарала преиспитување на одлуката, но барањето било отфрлено од страна на Комисијата за лустрација како неаргументирано.
Јаневски е автор на многуброjни книги за деца, патописна проза, збирки раскази, романи и поезија, коишто се преведени на повеќе светски јазици.
Творештвото на Јаневски ги опфаќа следниве дела:
Покрај редовните изданија, во повеќе наврати се издадени избрани дела на Јаневски, и тоа:
Три негови кратки раскази се застапени во антологијата на македонскиот краток расказ, „Џинџуџе во земјата на афионите“ (Темплум, 2022).
Јадранка Владова истакнува дека Јаневски е автор без кој не може да се замисли какво и да е претставување на македонската книжевност вокоја тој има неодминливо место како книжевноста за возрасни така и во детската книжевност, како во прозата така и во поезијата. Притоа, негвото врвно место произлегува не само оттаму што тој е еден од зачетниците на современата македонска книжевност, туку тој е недопирлив според квалитетот на своето дело. Притоа, Јаневски има необично важно место во македонската книжевност за деца, која тој ја направил рамноправен соговорник на светските вредности.
Според Георги Старделов, поезијата на Јаневски се одликува со повеќе одлики, како: хумор, фантастика, критичност, магија, сублимација и жива човечка историја. Во основата на неговата поетска имагинација лежи хуморот, т.е. неговата поезија е неделива од хуморот, кој најмногу доаѓа до израз во разорувањето на конвенциите. Истовремено, тој дава една од најбезмилосните критика на балканската варварска идеологија. Тој е поет на изненадувањето, на авантурата, на овоземните миракули, поет на нескротлива, еруптивна поетска имагинација, кој го отфрла секој можен ред и поредок. Во поетското искуство на Јаневски се напластиле: словенско-паганска емоционалност, сетилност и хедонизам, пантеизам и во неговата поезија е сублимирана македонската поетска митологија, космологија, демонологија, етнологија итн.
Славко Јаневски e добитник е на многу награди и признанија, меѓу кои: „АВНОЈ“ (1968); „11 Октомври“; наградата на СВП „Браќа Миладиновци“; наградата на градот Скопје „13 Ноември“; „Кочо Рацин“; „Македонско слово“; наградата за книжевен опус на ИРО „Мисла“ и „Мирослав Крлежа“. Исто така, тој е добитник на две златни арени за сценарио на филмскиот фестивал во Пула, за филмовите „Волчја ноќ“ (1955) и „Македонскиот дел од пеколот“ (1974).
Во спомен на неговото дело, на 29 јануари 2010 година, во паркот „Жена-борец“ во Скопје бил откриен негов споменик, дело на академскиот вајар Томе Серафимовски. Исто така, во Општина Центар во 2013 година била отворена читална именувана во негова чест.
Кусиот расказ „Кажувањето на Еразмо“ на македонскиот писател Гето Руди од 2017 година е инспириран од ликот Гедеон-Еразмо од расказот на Јаневски, „Другата страна на непостоењето“ од збирката „Зад тајната врата“ од 1993 година.
This article uses material from the Wikipedia Македонски article Славко Јаневски, which is released under the Creative Commons Attribution-ShareAlike 3.0 license ("CC BY-SA 3.0"); additional terms may apply (view authors). Содржината е достапна под CC BY-SA 4.0 освен ако не е поинаку наведено. Images, videos and audio are available under their respective licenses.
®Wikipedia is a registered trademark of the Wiki Foundation, Inc. Wiki Македонски (DUHOCTRUNGQUOC.VN) is an independent company and has no affiliation with Wiki Foundation.