Долно Количани — село во Општина Студеничани, во областа Каршијак, во околината на градот Скопје.
Долно Количани | |
Поглед на селото Долно Количани од месноста Марково Крувче на Водно | |
Долно Количани на карта | |
Координати 41°53′11″N 21°29′8″E / 41.88639° СГШ; 21.48556° ИГД | |
Општина | Студеничани |
Население | 1.831 жит. (поп. 2021)
|
Шифра на КО | 25037 |
Надм. вис. | 530-570 м |
Долно Количани на општинската карта Атарот на Долно Количани во рамките на општината | |
Долно Количани на Ризницата |
Селото Долно Количани се наоѓа во подножјето на планината Китка (дел од масивот Мокра Планина), во областа Торбешија, јужно од градот Скопје на оддалеченост од 18 километри. Долно Количани е ридско село на надморска височина од 530 до 570 метри во средното сливно подрачје на Маркова Река. Селото е од збиен тип и се дели на 4 маала, кои носат имиња според најстарите доселени родови. Поради поволната местоположба и добрата сообраќајна поврзаност со асфалтен пат со Драчево, Долно Количани претставува своевиден центар за повеќе соседни поблиски и подалечни села во подгорието на планината Китка.
Центарот на селото се вика "Јурија" потеклото на зборот е од Турски јазик што би значело "Прошетка".
Од старини на атарот на селото Долно Количани се забележани во месностите Градиште и Црквиште, за кое место селаните од Усје имале предание дека постоеле ѕидови од православен црковен храм. Во минатото селото Долно Количани најпрвин било македонско христијанско село, за што сведочат и некои преостанати имиња на потези околу селото како што се Андовец, Драга, Петровец, Петровечка Орница, Црквиште. Во почетокот на XIX век, во селото и околината почнале да се доселуваат Македонци од муслиманска вероисповед од Реканската област по сливот на реката Радика во Западна Македонија, при што последните 2 православни христијански македонски семејства од ова село се иселиле околу 1900 година, со што селото до денес е целосно населено со македонско муслиманско население. Први македонски муслимански родови кои се доселиле биле Суљовци, Ќулумовци, Реџовци и Алиовци. Македонскиот просветител Јордан Хаџи-Константинов - Џинот во својот напис „Јужна страна скопска“ објавен во „Цариградски весник“ на 1 мај 1855 година за Количани запишал дека е доброплодно село со многу вредни и трудољубиви селани кои имаат разрушена црква.
Во XIX век, селото е дел од нахијата Каршијак во Скопската каза во Отоманското Царство.
За селото Долно Количани податоци наведува и македонскиот револуционер Ѓорче Петров кој во својата книга „Материјали по изучувањето на Македонија“ од 1896 година запишал дека имало 80 куќи е сместено на едно рамно и одделно место, однадвор има изглед на гратче. Тоа било најголемото, најбогатото и најубавото македонско муслиманско (торбешко) село чии улици се уредени и послани со калдрма, а имало доста многу куќи на два ката. Понатаму во своите записи Ѓорче Петров вели дека Количани е најстарото торбешко село во тој дел на Каршијак, но сепак и за него е познато, дека едно време било христијанско село при што еден количанец во потврда на тоа му раскажувал дека еден старец Македонец од едно од блиските полски села го распрашувал за старите му роднини и родители и потоа му раскажал некои случки од нивниот живот и на прашањето, од каде ги познава, тој одговорил дек со нив бил близок пријател од детството кога и тој живеел во Количани. Остатоци од стара црква во Количани имало во тоа време, а Македонците од блиските полски села веруваале дека на местото на Количани било Лисиче: на местото на Горно Количани – Горно Лисиче, а на местото на Долно Количани – Долно Лисиче. Како дополнителни историски податоци за Долно Количани, Ѓорче Петров наведува дека жител на селото му раскажувал дека жителите на Долно Количани се преселиле од Жировница (Реканско) и дека имињата на 3 маала во Долно Количани се среќаваат и во Жировница. Истиот човек му кажал дека по кажувањата на неговиот чичко во време на недовото детство пред околу 100 години (крајот на XVIII век) селото имало само 4 македонски муслимански куќи Во описите и проучувањето на областа Каршијак, тој ги наведува двете Количани како едни од убавите скопски села. Исто така селаните родени пред втората светска војна говореле и пишувале Турски јазик и како разкажуваат дека нивните баби и дедовци зборувале на Турски јазик. Што може да се потврди тоа на над гробните плочи во селските гробишта, што имаат натписи на старо турскиот (старо отомански) јазик. Според некои стари селани, кога Бугарските фашисти дошле во селото во време на втората светска војна,и им било забрането да зборуваат на Турски јазик и го затвориле селскиот мектеб за изучување на Куранот, што после тоа децата потајно проучувале ислам кај еден од постарите оџи во селото.
За потеклото на името на селото П. Скок запишал дека тоа најверојатно потекнува од личното име Николица, присутно во овие краишта во XIII и XIV век, а со оглед на тоа дека во Долно Количани постои предел наречен Кулица до пределот Градиште, овој автор претпоставил дека најверојато тоа е остаток од кула или тврдина на некој Николица. Сепак поради густите шуми кои се наоѓаат во близина на ова село, може да се претпостави и дека во овие села во далечното минато се изработувале запрежни коли од дрво, па од таму потекнува и името на овие села Горно и Долно Количани. Но исто така селаните веруваат дека потеклото на името доаѓа од двата Турски зборови "Kol Açan" што во превод би значело "Отворање Раце", што според селаните кога дошле Отоманите во селото селаните им отвориле рацете и ги пречекале со радост.
Главни економски занимања на селаните од Долно Количани е земјоделството и во многу мала мера сточарството. Македонскиот револуционер Ѓорче Петров запишал дека главната дејност на количанци претставувало тутунарството, што во денешно време е редок случај. Во денешно време селата Долно и Горно Количани, заедно со Морани, Студеничани и Орешани се единствените села во скопско кои одгледуваат и произведуваат тутун. Количанскиот тутун бил прв во скопско и можел да се рамни со некои од прочуените тутуни кај нас, а двете села Количани кон крајот на XIX век произведувале околу 100 товари тутун годишно. Количанци како не се занимавале со сточарство зашто немале пасишта горе во планините.. Од земјоделството покрај тутунот најзастапени се одгледувањето на житни растенија, градинарски култури (за сопствени потреби), бостан во нискиот дел под селото, како и овоштарство и одгледување шумски овошја и плодови како јагоди, цреши, сливи, малини, капини кои се продаваат на скопските пазари. Поради не многу поволните планински услови во мали размери е развиено и сточарството, односно одгледувањето на кози и крави и сосема малку овци. Во високиот шумски предел над селото е развиено и шумарството и сечата на дрво за огрев. Но во денешните времиња селаните ги имаат запоставено земјоделските работи и земјоделството е во многу мала мера работено.
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Според опширните османлиски дефтери за населението на Скопската Каза од 1832/33 година, селото било муслиманско, со 60 муслимански домаќинствa. На овој попис биле забележани 138 мажи муслимани, со 15 новороденчиња. Се проценува дека селото во тој период имало 306 жители.
Стефан Верковиќ во 1857 година го забележува со 600 жители.
Според статистиката на Васил К'нчов („Македонија, Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Долно Количани живееле 720 жители, сите Македонци муслимани.
После Втората балканска војна, 1913 г. селото влегува во границите на Србија, како дел од општина Горно Количани и има 848 жители.
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралство Југославија во 1931 година, селото имало 700 Македонци.
Според пописот од 2002 година во селото Долно Количани, живееле 1.510 жители од кои: 1 Македонец, 1 Албанец, 1.507 Турци и 1 останат
Населението во селото се Македонци-муслимани, но поради политичко-религиски причини се изјасниле како Турци.
Во денешно време има приближно 320 домаќинства и околу 1700 - 1800 жители, некои од селаните се иселуваат во други земји како Турција, Германија но и во Град Скопје.
Според последниот попис од 2021 година, во селото живеел 1.831 жител, од кои 12 Албанци, 1.739 Турци, 11 Бошњаци, 25 останати и 44 лица без податоци.
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Година | 1900 | 1905 | 1948 | 1953 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 1994 | 2002 | 2021 |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Население | 720 | — | 823 | 827 | 818 | 1.036 | 1.276 | 1.379 | 1.395 | 1.510 | 1.831 |
Долно Количани е торбешко (македонско-муслиманско) село.
Според истражувањата од 1950 година, родови во селото:
Во селото Долно Количани работи основното училиште „Мустафа Кемал Ататурк“ и се одржува настава на Турски јазик. Во селото има и мала амбулантна установа, и на сред село една џамија.
До 1950 година од селото целосно се иселил родот Мемедоски, тие се населиле во селото Батинци. Подалечно потекло од Долна Река. Таировци исто така се иселиле во селото Батинци. И нивното потекло било од Долна Река. Маљовци се населиле во населбата Бутел. Љутвиови се населиле во селото Идризово. Од родовите во селото имало иселеници од родот Суљовци, 12 семејства се иселиле во Батинци. Од родот Ќулумовци се иселиле 8 семејства, во Скопје (4 семејства) и во Турција (4 семејства). Од Реџовци се иселиле во Батинци и во Љубош по едно семејство.
This article uses material from the Wikipedia Македонски article Долно Количани, which is released under the Creative Commons Attribution-ShareAlike 3.0 license ("CC BY-SA 3.0"); additional terms may apply (view authors). Содржината е достапна под CC BY-SA 4.0 освен ако не е поинаку наведено. Images, videos and audio are available under their respective licenses.
®Wikipedia is a registered trademark of the Wiki Foundation, Inc. Wiki Македонски (DUHOCTRUNGQUOC.VN) is an independent company and has no affiliation with Wiki Foundation.