Илинден (до 1951 г.
Белимбегово) — село и административен центар на Општина Илинден, во околината на градот Скопје.
Илинден | |
Поглед на дел од нас. Илинден крај железничката станица | |
Илинден на карта | |
Координати 41°59′45″N 21°34′55″E / 41.99583° СГШ; 21.58194° ИГД | |
Општина | Општина Илинден |
Население | 5.161 жит. (поп. 2021)
|
Пошт. бр. | 1041 |
Шифра на КО | 25010, 25510 |
Илинден на општинската карта Атарот на Илинден во рамките на општината | |
Илинден на Ризницата |
Илинден е сместено во средишниот дел на Скопската Котлина, односно во средишниот дел на областа Блатија на допирот помеѓу две зони на почви, влажни под селото и суви над селото. Населбата е рамничарска, расположена на 245 метри надморска височина и од центарот на Скопје е оддалечена околу 10 километри во источен правец. Веднаш крај Илинден поминуваат автопатот „Пријателство“, кој е дел од меѓународниот патен правец Е-75 и коридорот 10, а исто така и железничката пруга кон Куманово и Белград дел од истиот паневропски сообраќаен коридор.
Населбата има разбиен тип, а поради големиот број на население и доселеници, како и спојувањето со соседното место Марино, таа има сè повеќе урбани каркатеристики и важи за градска населба. На југ од Илинден води патниот правец на кој се наоѓа Јурумлери и води кон Драчево, на североисток се Ајватовци и Бунарџик, на северозапад е Арачиново, на исток и југоисток од Илинден се наоѓа Марино низ кој водат 2 локални патни правци кон Кадино и Мралино и кон Миладиновци, на запад е градот Скопје со населбите Хиподром и Маџари.
Покрај селото Илинден, некогашно Белимбегово, сè до заминувањето на турските власти, на месноста Маркова Колепка се познавале стар гробови, кои не припаѓале на населението, кое пак врз основа на нивното постоење имало предание дека на местото на денешното село постоело друго село кое подоцна било уништено. Денешната населба настанала за време на турското владеење, кога на ова место бил основан чифлик од страна на некојси Белим-бег кој се грижел и за производството на барут во соседното Јурумлери, а по кого селото го добило и името. Во месноста Требоши, на 1 километар јужно од селото селаните често откопувале ќерамиди, ќупчиња, јазови, бунари и остатоци од мостови, при што постоело преданието дека некогаш таму постоело посебно чифлигарско македонско христијанско село, кое било заграбено и раселено од белимбеговските чифликсајбии, при што дел од населението преминало во Белимегово, а остантиот дел се раселил на разни места. До крајот на турското владеење во Белимбегово постоеле 7 чифлици на скопски бегови и сите македонски семејства, освен родот Аџиовци кои имале своја земја, работеле како чифчии и момоци.
Во XIX век, селото е дел од нахијата Чаирско Поле (Блатија) во Скопската каза во Отоманското Царство. Според опширните османлиски дефтери за населението на Скопската Каза од 1832/33 година, селото било забележано како Бехлул Бег со христијанско население, каде имало 27 христијански домаќинства. На овој попис биле забележани 110 мажи христијани, со 10 новороденчиња. Се проценува дека селото во тој период имало 240 жители.
Според статистиката на бугарскиот етнограф Васил К’нчов (Македонија, Етнографија и статистика) од 1900 година, во Белим Бегово живееле 180 жители Македонци.
После Втората балканска војна, 1913 г. селото влегува во границите на Србија, како дел од Општина Бунарџик и има 244 жители.
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралство Југославија во 1931 година, селото имало 300 Македонци.
Од чифлигарството жителите Македонци започнале да се ослободуваат со аграрната реформа во 1927 година и со подоцнежната во 1946 година, кога започнале да добиваат и откупуваат земја во свој посед. Во 1928 година во селото се доселило семејството Калкус (три брата) од Чешка, кои за кратко време створиле посед простран од 150 до 200 хектари, кој по Втората светска војна било одземено и национализирано за основање на земјоделското стопанство. По Првата светска војна во Белимбегово масовно почнале да се доселуваат Македонци од селата на Скопска Црна Гора, при што тие го основале Плац Маалото. Вториот голем бран на доселувања, започнал кон крајот на шеесеттите години на XX век, кога во Илинден се доселиле голем број на Македонци од селата во околината на Крива Паланка.
Сè до 1996 населбата Илинден припаѓала во рамките на скопската градска општина Гази Баба, по што била основана истоимена општина со седиште во оваа населба.
Поволната географска положба и одличната сообраќајна поврзаност на населбата Илинден и овозможува одлична економска развиеност. Во непосредна близина на Илинден се наоѓаат индустриската зона „Илинден“, слободната економска зона „Бунарџик“ и рафинеријата „ОКТА“, каде што работат голем број на фабрики, производствени погони, стоваришта во кои работат жители на Илинден. Поголемиот дел на жители се занимаваат со секундарни стопански гранки како работа во индустријата, градежништвото, трговијата, угостителство. Во близината на Илинден се наоѓа и скопскиот Аеродром „Александар Велики“, сега познат како „Меѓународен аеродром Скопје“ и понекогаш познат како „Аеродром Петровец“ или „Аеродром Скопје“, на кој работат дел од жителите на Илинден.
Значаен дел од населението, посебно постарите селски родови со поголем земјиштен посед, се занимава со земјоделство. Најзастапено е полјоделството односно одгледување на житни растенија - највеќе пченица, јачмен и пченка. Во голема мера е застапено и градинарството и одгледувањето на кромид, марула, пиперки, домати, зелка и моркови. Сточарството и живинарството се доста застапени и голем број на домаќинства одгледуваат свињи, крави и живина. Во минатото како дел од земјоделското стопанство „Белимбегово“ постоела голема живинарска фарма, а денес во Илинден работат неколку приватни живинарски фарми кои произведуваат јајца и пилешко месо. Во непосредната близина на Илинден се наоѓа и млекарницата „Сведмилк“, а во населбата работат голем број на продавници и салони за бела техника, мебел, книжарници, фризерски салони, ресторани и кафеани.
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Според пописот на населението на Македонија од 2002 година, селото има 4.931 жител, од кои 4.285 Македонци, 2 Турци, 31 Ром, 1 Влав, 176 Срби и 96 останати.
Според последниот попис од 2021 година, во селото живеел 5.161 жител, од кои 4.230 Македонци, 326 Албанци, 4 Турци, 21 Ром, 3 Власи, 111 Срби, 2 Бошњаци, 50 останати и 414 лица без податоци.
Како привлечно место за доживување, во Илинден се доселуваат голем број на луѓе, па така бројот на населението бележи постојан пораст. Во 1981 година во Илинден живееле 4.077 жители, а во 1994 година 4.321 жител од кои 3.702 (85,67 %) Македонци, 224 Албанци, 194 Срби, 10 Роми и 190 жители се изјасниле како други.
Низ годините ова било вкупното население и етничка припадност на населението во Илинден:
Година | Македонци | Албанци | Турци | Роми | Власи | Срби | Бошњаци | Ост. | б.п. | Вкупно |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
1948 | — | — | — | — | — | — | — | — | — | 906 |
1953 | 1.084 | 10 | 1 | 20 | — | 89 | ... | 17 | — | 1.252 |
1961 | 1.375 | 94 | 2 | ... | ... | 151 | ... | 39 | — | 1.661 |
1971 | 2.069 | 149 | — | — | ... | 181 | ... | 96 | — | 2.495 |
1981 | 3.410 | 48 | — | 3 | — | 212 | ... | 404 | — | 4.077 |
1991 | 3.588 | 154 | — | 13 | 1 | 161 | — | 450 | — | 4.367 |
1994 | 3.702 | 224 | — | 10 | 1 | 194 | — | 190 | — | 4.321 |
2002 | 4.285 | — | 2 | 31 | 1 | 176 | — | 96 | — | 4.931 |
2021 | 4.230 | 326 | 4 | 21 | 3 | 111 | 2 | 50 | 414 | 5.161 |
* Извор: Државен завод за статистика на Република Македонија (1953-2021), според податоци од официјалните пописи во соодветните години
Илинден е главно македонско село, но има и од други народности во селото.
Според истражувањата од 1953 година, родови во селото се:
Македонски
Торбешки род
Српски
Албанизирани Роми или Маљоци
Во населбата Илинден, на самиот нејзин крај кон селото Марино, работи основното училиште „Гоце Делчев“ и првото средно модуларно училиште во Општина Илинден.
Во минатото се забележани следните иселувања: еден род по име Пакошево се доселил од селото Пакошево, па се иселил во Скопје уште во XIX век. Најголем број иселеници имало во градот Скопје и некогашните села, денес негови населби Кисела Вода и Тафталиџе, потоа во Драчево и Инџиково. Во поново време има иселеници во странство, посебно во Германија, САД и Канада.
„Илинден (населба)“ на Ризницата ? |
This article uses material from the Wikipedia Македонски article Илинден (населба), which is released under the Creative Commons Attribution-ShareAlike 3.0 license ("CC BY-SA 3.0"); additional terms may apply (view authors). Содржината е достапна под CC BY-SA 4.0 освен ако не е поинаку наведено. Images, videos and audio are available under their respective licenses.
®Wikipedia is a registered trademark of the Wiki Foundation, Inc. Wiki Македонски (DUHOCTRUNGQUOC.VN) is an independent company and has no affiliation with Wiki Foundation.