Роберт Бојл (25 јануари 1627 во Вотерфорд во Ирска - 30 декември 1691 во Лондон, Англија) бил физичар и хемичар, наречен “татко на хемијата”, познат по Бојл-Мариотов закон и хидростатичкиот парадокс.
“ Би бил среќен кога светот би мислел дека само сум читал книги за природата и ништо друго” позната мисла на Бојл.
Роберт Бојл бил познат како “ татко на хемијата”, ги отфрлил старите алхемичарски идеи и ги дефинирал елементите. Со помош на Роберт Хук, тој спровел сеопфатно истражување на вакуумот, како и на врските меѓу притисокот и зафатнината кај гасовите. Бојл е роден во 1627г. во замокот Лисмор, во ирскиот округ Вотерфорд. Бил седми син и четиринаесетто дете на Ричард Бојл, кој станал голем ерл од Корк во 1602г., кога го купил Лисмор од авантуристот сер Волтер Релиј ( тогаш во затвор). Бојл бил сведок како татко му ги венчавал децата главно заради финансиска корист или општествен статус, па веројатно поради тоа го замразил бракот. Како осумгодишно момче бил пратен во Итон, познато англиско приватно училиште. Тој ја сакал академската работа, но го презирал задолжителното физичко воспитание. Четири години подоцна Бојл и брат му Френсис ги зел учителот Французин во обиколка на Европа. Тие завршиле во Италија, каде што во Фиренца ја поминале зимата 1641-1642г. Кога во 1642г во Италија починал Галилеј, реакцијата на јавноста го навела на Бојл да се заинтересира за истите идеи.
По враќањето во Англија во 1644г., Бојл ја затекнал земјата зафатена со граѓанска војна. Татко му починал, а тој останал без скршена пара бидејќи немал повеќе приходи од имотот во Ирска. Прво се населил во Столбриџ, во Дорсет, но заминал во Лондон да ја посети омилената сестра Катарина. Одушевен од науката, “ новата филозофија”, Бојл во куќата на Катарина запознал група истомисленици што себеси се нарекувале “невидлив колеџ”. Меѓу нив биле Џон Вилкинс, хроничарот Џон Ивлин, Роберт Хук и Вилијам Пети пронаоѓачот на катамаранот. Тие се собирале на колеџот Грешам во Лондон, а подоцна и во кабинетот на Бојл во Оксфорд, на безбедна оддалеченост од Оливер Кромвел, суров владетел на Англија и противник на науката. Идеите ги разменувале во писма или преку коментари на маргините на прочитаните книги. Во 1652г. Бојл ја посетил Ирска, во тоа време растргната од бунт и со помош на Вилијам Пети ги довел во ред своите имоти, што значело дека парите повторно почнале да пристигаат. Потоа до крајот на животот бил имотен.
Во 1654г. Бојл го зел за помошник Роберт Хук, и иако Хук бил од многу понизок општествен сталеж, било очигледно дека заедно работеле како рамноправни научници. Бојл имал многу идеи, а Хук бил вистинската личност што можела да ги спроведе во дело. Тие го проучувале вакуумот на Торичели, а можеби токму тие откриле дека висината на столбот со жива на Торичели зависи од времето, на тој начин пронаоѓајќи го барометарот. Кога Хук ја конструирал воздушната пумпа, што постојано ја користеле и демонстрирале, таа набрзо станала позната како “mashina Boyleana”. Две години по смртта на Кромвел во 1658г., Чарлс II се вратил од прогонство и бил крунисан за крал, а занимавањето со науката било повторно дозволено. Во истата година “ невидливиот колеџ” се преобразил во Кралско друштво во Лондон за промовирање на природното знаење. Бојл бил еден од основачите.
Во 1661г. Бојл добил писмо од Ричард Таунли, астроном и прв англичанец кој систематично го мерел количеството врнежи. Тој и неговиот лекар Хенри Пауел на 27 април се искачувале на ридот Пенд, висок 557м, во Ланкашир, со барометри во рацете. Тие откриле дека воздушниот притисок на врвот на ридот бил понизок отколку во подножјето, а дека заробениот воздух имал поголема зафатнина кога притисокот е понизок. Бидејќи Хук ги проверил тие тврдења, во 1662г. Бојл ги објавил резултатите, а истото го направил и Пауер во 1663г. Иако Бојл оваа работа ја нарекол “ Претпоставка на господин Таунли” и рекол дека Хук се проверил, трудот бил познат како Бојлов закон. Во Европа истото откритие му се припишува на Едме Мариот, но тој го објавил дури во 1676 година. Благодарение на големиот приход од ирските имоти, Бојл можел да се посвети на научната работа, да објавува книги и да плаќа помошници, но останал скромен. Ја одбил благородничката титула и понуда да стане бискуп, како и именувањето за претседател на Кралското друштво. “ Постои еластичност, или еластична сила, во воздухот во кој ние живееме.” Роберт Бојл, од “ Нови огледи од физика и механика”. 1660г.
This article uses material from the Wikipedia Македонски article Роберт Бојл, which is released under the Creative Commons Attribution-ShareAlike 3.0 license ("CC BY-SA 3.0"); additional terms may apply (view authors). Содржината е достапна под CC BY-SA 4.0 освен ако не е поинаку наведено. Images, videos and audio are available under their respective licenses.
®Wikipedia is a registered trademark of the Wiki Foundation, Inc. Wiki Македонски (DUHOCTRUNGQUOC.VN) is an independent company and has no affiliation with Wiki Foundation.