Злосторство и казна (руски: Преступление и наказание) — роман на рускиот писател Фјодор Достоевски, првобитно објавен во 1866 година.
Тој е реалистичен, психолошки роман со елементи на социјален, криминалистички и филозофски роман. Тој е, исто така, полифоничен роман (каде се вклучени општествената и социјалната реалност, но и психичката реалност на поединецот). Темата и идејата на романот се содржани во насловот: темата е злосторството, двојното убиство што го извршува Раскољников и казната што следува (повеќе психичка, отколку физичка). Во психичката казна е содржана и идејата - дека човекот самиот повеќе се казнува и измачува отколку што може да го казни општеството. Исто така, дека нема никакво оправдување за извршено убиство, зашто сечиј живот е вреден. Дејството во романот се одвива во текот на девет дена пред и по злосторството, како и една година по него.
македонското издание на делото | |
Автор | Фјодор Достоевски |
---|---|
Изворен наслов | Преступление и наказание |
Земја | Русија |
Јазик | Руски |
Жанр | психолошки реализам |
Издадена | 1866 |
Медиум | Печатена (меки корици) |
Страници | 620 |
Родион Романович Раскољников е централниот лик во романот. Тој е извонредно убаво 23-годишно момче - со прекрасни очи, со кафеава коса, доста висок, тенок и со убава става. Раскољников е комплексна личност со многу позитивни и негативни особини. Неговиот другар Разумихин го опишува Раскољников како мрачен, горд и суетен, претерано чувствителен и хипохондрик; понекогаш не сака да разговара со никого; тој великодушен и добар, но не сака да ги покажува чувствата и попрво ќе постапи сурово отколку да го открие срцето; понекогаш е студен и бесчувствителен до бесчовечност, како во него да се менуваат два спротивставени карактера; постојано нема време, постојано некој му пречи, иако цело време лежи и ништо не работи; не ги слуша соговорниците до крајот и никогаш не се интересира за она што во тој миг ги интересира сите; премногу се цени себеси; во секое време крај него мора да се наоѓа некоја жена, но тој никого не сака и можеби е неспособен да сака; и воопшто, неговите главни одлики се: гордост, суета, самољубие и атеизам. Уште за време на студиите, Раскољников речиси немал другари, не одел кај никого на гости, а самиот тој со тешко срце примал посети. Не учествувал ниту на состаноците, ни на забавите или разговорите, па набргу сите му го свртиле грбот. Тој бил вреден студент и поради тоа бил почитуван, но никој не го сакал. Иако бил сиромашен, тој бил горд и не сакал да разговара, како нешто да крие во себе. Неговите другари имале впечаток дека тој гледа на нив како на деца, како да ги претекнал во знаењето и убедувањата, а нивните ставови како да ги смета за нешто пониско.
Поради сиромаштијата, тој ги напушта студиите по право и запаѓа во раздразлива и напната состојба слична на хипохондрија, поради што се повлекува во себе, се оддалечува од луѓето и речиси не излегува од својот стан. Притоа, веќе цел месец, тој не работи ништо, туку само фантазира и „гради кули во воздухот“. Тој е толку бедно облечен, што некој друг во таква состојба би се срамел дење да излезе на улица. Меѓутоа, во него се насобрал толкав презир кон луѓето, што воопшто не чувствува никаков срам, иако се одликува со речиси детска чувствителност. Тој е толку одвикнат од светот, што дури и лицето на слугинката, која одвреме-навреме му носи храна, му предизвикува јад и конвулзии. Сепак, тој покажува голема симпатија кон бедните и понижените. Така, во една прилика, тој забележува една млада, пијана девојка која сака да ја искористи некој господин и тогаш го повикува полицаецот со намера да ја спаси девојката; по смртта на Мармеладов, тој ѝ ги дава сите пари на сопругата на покојниот, гледајќи во каква беда живее таа со нејзините три деца; а на судењето се дознава дека за време на студиите, тој ги издржувал еден сиромашен студент и неговиот татко, а во една прилика спасил две деца од пожарот што ја зафатил зградата. Кога дознава дека неговата сестра ќе се омажи за да може да ги финансира неговите студии, неговата гордост е сосема срушена и никако не сака да ја прифати нејзината жртва, па дури остро ја осудува нејзината постапка, обвинувајќи ја дека се продала себеси.
Тој самиот се колеба во врска со мотивот на неговото убиство: дали е заради мајка му и сестра му или заради бедата во која се наоѓа неговото семејство или заради филозофијата на обичните и необичните луѓе. Тој оди да го изврши убиството многу свесно и плански, како потврда на неговата идеја, како експеримент. Според него, извршувањето на злосторството е оправдано, ако се изврши за повисоки цели. Извршувајќи го убиството, тој сака да провери дали им припаѓа на исклучителните луѓе. Својата теорија ја поткрепува со историски примери, особено со Наполеон, кој ги кршел пропишаните норми за да ја достигне целта и да ја промени историјата. Но, откако го извршува злосторството, неговата теорија полека се распаѓа. Најпрвин, тој пронаоѓа рационални објаснувања за неуспехот - грешките во извршувањето на убиството, убивањето и на Лисавета итн. Потоа се враќа на својата филозофија - дека не убил човек, туку принцип - обидувајќи се да се утеши на тој начин.
Последните неколку дена пред да се предаде, Раскољников се чувствува како да го зафатила некоја магла, затворајќи го во безизлезна и тешка осаменост. Притоа, понекогаш му се гасне свеста, ги меша настаните и времето, причините и последиците; понекогаш го обзема болно-мачен немир кој преоѓа во паничен страв; а потоа запаѓа во апатија, која трае со часови и со денови. Воопшто, во текот на тие неколку дена, тој настојува да побегне од јасното разбирање на својата положба и не се грижи за сегашната и за идната судбина, зашто е западнат во бескраен морален замор. Најпосле, тој постојано скита низ градот, често одејќи до брегот на Нева со намера да изврши самоубиство, но се откажал од намерата, сметајќи дека не смее да се плаши од срамот што го заслужил. Сепак, до последниот час, Раскољников се колеба дали да се предаде или да се обиде ја избегне казната, велејќи дека е убеден дека не направил никакво злосторство; дека нема потреба да се става себеси пред бесмислени искушенија; и дека не му треба животот по робијата, зашто тогаш луѓето ќе го прогонуваат, а тој ги мрази сите нив, сметајќи ги за подлеци, разбојници и идиоти. Истовремено, тој ветува дека, по издржувањето на казната, ќе биде добар, храбар и чесен во текот на целиот живот, дека ќе го докаже тоа и дека нема да го посрамоти семејството. Меѓутоа, на крајот, Раскољников не може повеќе да го издржи притисокот - тој не може да се задржи на едно место, ниту мислите да ги фокусира врз еден предмет и постојано зборува бесмислици и се тресе. Одејќи да се пријави во полицијата, тој се прашува за последен пат: „Има ли смисла, треба ли да се направи ова?... Зар е навистина невозможно да се запре и повторно сè да се поправи... и да не се оди на суд?“ Потоа, тој заклучува дека не смеел да има толку високо мислење за себе, зашто е „бедник низаеден, ништожник, подлец, подлец!“ Притиснат од совеста, тој одлучува да го прифати советот на Соња и врз себе да го преземе крстот на страдањето.
И по неговото затворање, духот на Раскољников не се смирува - тој е постојано мрачен, рамнодушен е кон храната, не разговара со никого и не покажува никаков интерес ни за Соња ниту за вестите што ги добива, студено ја прима веста за смртта на мајка му, затворениците не го сакаат, а најпосле се разболува. Тој се срами зашто е ранета неговата гордост, при што не наоѓа никаква вина кај себе, туку му е срам поради тоа што доживеал неуспех; не гледа никаква смисла во идниот живот и воопшто не се кае за злосторството што го извршил, а единственото злосторство го гледа во тоа што не издржал до крајот и што ја признал вината. Меѓутоа, еден ден, кај него наеднаш се случува пресврт, кога конечно си признава дека ја сака Соња; така, љубовта го направила да воскресне и да го обнови животот.
Софија Семјоновна Мармеладова (Соња) е млада девојка на околу 18 години - слаба, ниска, русокоса убавица, со бледо, слабо и неправилно лице (малку шилесто) , со истакнати јаболчни коски, шилесто носе и со кротки, сини очи што наеднаш можат да светнат со сурово и енергично чувство. Додека растела, таа страдала многу од нејзината маќеа, Катарина Ивановна. Таа нема формално образование; само, нејзиниот татко се обидел да ја подучува по географија и општа историја; а подоцна, кога пораснала, прочитала неколку книги. Целиот живот, Соња била несигурна и исплашена, а особено се плаши од нови лица и од нови познанства. Притоа, во текот на целиот живот, таа се жртвува за доброто на другите: кога нејзиното семејство нема пари за да преживее, таа послушно прифаќа да стане проститутка; на својот татко му ги дава последните 30 копејки за да купи ракија; а во Сибир е омилена кај сите затвореници на кои несебично им помага. Соња е бедна, отфрлена и изгубена проститутка, која би требало да биде сродната душа на убиецот Раскољников. Но, напротив: иако делат слична судбина, таа е сосема спротивна на Раскољников. Кога ќе ја слушне неговата исповед за убиството, таа ќе се стаписа и ќе занеми од изненаденост и сочувство. Таа покажува големо сочувство кон разорената душа на Раскољников, која се обидува да ја оздрави. Со нејзината смиреност, добрина, саможртва и покорност, таа е биде единствената можност за спасот на бунтовниот и горделив Раскољников.
Дуња е сестрата на Раскољников. Таа е необично убава - висока, со прекрасна става, силна, полна со самодоверба, а нејзините движења се полни со грациозност. По многу карактерни црти, па дури и по ликот, таа многу личи на својот брат, а најмногу по душата: двајцата се меланхолици, невесели, горди и великодушни. Таа има светлокафена коса, речиси црни очи, кои истовремено се горди и добри. Иако е бледа, лицето ѝ е свежо и здраво; устата ѝ е мала, а долната усна, свежа и румена, едвај забележително е истурена напред, исто како и брадата, и тоа е единствената неправилност на нејзиното лице, која му дава посебен карактер и некаква гордост. Нејзиното лице најчесто е сериозно и замислено отколку весело, но насмевката ѝ е весела, младешка и од срце. Таа е паметна, со цврст карактер и може да поднесе многу нешта, па дури и во најтешките околности наоѓа во себе толкава великодушност која ѝ помага да не ја загуби одлучноста. Така, по нејзиното отпуштање од работата во домот на Марфа Петровна, кога целиот град ја озборувале и кога сите познати ја избегнувале, таа покажала голема сила и цврстина, па дури ја тешела мајка си. Дуња е чесна и горда, способна да јаде сув леб ама својата душа нема да ја продаде и моралната слобода нема да ја замени за комфор. Меѓутоа, таа многу го сака својот брат и, за да му помогне во студирањето и во кариерата, прифаќа да се жртвува така што ќе се омажи за Лужин. Според зборовите на Свидригајлов, ако се родела во 2. или 3. век, Дуња сигурно би била маченичка; а ако се родела во 4. или 5., таа би заминала во пустина и таму би живеела хранејќи се со корења, восхитувања и привиденија; таа единствено бара да страда за некого зашто е страшно и невидено чиста и невина.
Разумихин е необично весел, зборлест млад човек, добар до простодушност, а зад неговата едноставност се крие длабочина и достоинство. Поради тоа, сите негови другари искрено го сакаат. Тој е доста паметен, иако понекогаш е наивен. Неуспесите никогаш не го колебаат, а лошите околности не можат да го доведат во безизлезна положба. Тој е способен да живее и на покривот, да трпи пеколен глад и голем студ. Тој е многу сиромашен и самиот заработува за живот, работејќи различни ситни работи. Една зима бил принуден да ги напушти студиите, но набргу повторно ги продолжил, а во меѓувреме работел напорно за да ја поправи финансиската состојба. Во однос на надворешниот лик, тој е висок, слаб, со црна коса, секогаш лошо избричен. Физички е многу силен и понекогаш започнува кавги, а понекогаш прави големи скандали. Може да пие прекумерно, но кога сака, воопшто не пие. Разумихин нема голема самодоверба.
Мајка му на Раскољников е жена на 43 години, но нејзиното лице ги чува трагите од некогашната убавина. Иако нејзината коса веќе почнува да побелува и да опаѓа, околу очите веќе се појавиле брчки, а образите ѝ се исушиле и пропаднале од грижи и од тага, таа изгледа помлада од нејзината возраст. Таа е слика на Дуња, само 20 години подоцна, само што нејзината долна усна не е истурена напред. Исто така, таа успеала да ја задржи јасниот дух, свежината на впечатокот и чесниот и чист жар на срцето. Пулхерија е чувствителна, но не прекумерно и плашлива и попустлива, но само до некоја граница. За многу нешта може да попушти, со многу нешта може да се сложи, дури и со некои работи кои се спротивни на нејзините убедувања, но кај неа секогаш постои една линија на чесност, норми и конечни убедувања која нема да ја пречекори во никакви околности. Таа се грижи за синот со голема посветеност. Иако и самата е сиромашна, одделува пари од својата скромна пензија и се задолжува за да му ги финансира студиите. По пристигнувањето во Петроград, Пулхерија е збунета од однесувањето на синот, но потоа сфаќа дека не може да ги разбере неговите сфаќања и мисли и дека не треба да бара од него да ѝ поднесува сметка за постапките. Таа знае дека нејзиниот син ја сака и тоа е доволно за неа. Притоа, за време на последната средба со него, таа претчувствува дека ќе му се случи катастрофа, но не бара од него никакво објаснение. По затворањето на Раскољников, мајка му наеднаш се разболува од некоја чудна болест, проследена со еден вид лудило. Таа запаѓа во екстаза и насекаде со восхит зборува за својот син и за блескавата кариера која му претстои. Сепак, иако не зборува за судбината на синот, таа како да претчувствува што се случило со него така што, по долгиот период на непрекинато фантазирање, нејзината состојба се влошува и таа умира.
Порфириј Петрович има околу 35 години, не е оженет и ретко се дружи со луѓето. Тој е со мал раст, полн и дури со стомаче, избричен, без мустаќи, со кратко потстрижена коса на тркалезната глава, која му е некако особено испапчена на тилот. Неговото полно лице со напрчено носе има болежлива боја, темножолта, но сепак е доста живо, а би било и добродушно да не се неговите очи со воден сјај и со бели клепки кои трепкаат како да намигнуваат. Во целата негова појава има нешто женско.
Лужин е советник, т.е. службеник од осма група, вреден и работлив човек кому „секој момент му е скап“. Тој е материјално обезбеден, работи на две места и има сопствен капитал. Тој има 45 години, но има пријатен надворешен изглед и „сè уште може да им се допадне на жените“, иако е малку вообразен и мрачен. Неговото лице е свежо, па дури и убаво, така што тој изгледа помлад. Дури и косата (малку побелена), иако му е грижливо исчешлана и негувана, сепак не му дава смешен или глупав изглед. Ако има нешто непријатно и антипатично на неговата убава физиономија, тоа не е поврзано со физичкиот изглед, туку се должи на некои други причини. Иако е недоволно образован, сепак, тој е паметен и, поред неговите сопствени зборови, тој е непријател на сите предрасуди и ги споделува „убедувањата на нашето младо поколение“. Тој е суетен, многу зборува и сака другите да го слушаат. При посетата на Раскољников, Лужин ги образложува своите погледи на светот според кои човекот треба да се сака себеси, зашто сè на светот се заснова врз личниот интерес.
Тој е горд човек чија самоувереност се граничи со нарцизам. Тоа произлегува оттаму што „од ништо станал нешто“, така што се навикнал да ужива во себе, да ги цени својата памет и способностите, а понекогаш со задоволство го набљудува својот лик во огледалото. Сепак, најмногу од сите нешта, тој ги цени парите, зашто тие му овозможуваат да биде еднаков со сето она што е повисоко од него. Тој спаѓа во луѓето кои привидно се многу љубезни во друштвото, но кои веднаш ги забораваат сите убави манири штом нешто не им е по волја, Веќе неколку години, со наслада сонува да се ожени, постојано собира пари за таа цел и стрпливо чека да најде чесна, млада, убава и сиромашна девојка. Притоа, тој очекува од неа да му биде целосно покорна и да го смета за свој добротвор и спасител.
Свидригајлов е човек на околу 50 години, кој изгледа многу помлад. Тој е доста висок, крупен, со широки рамена, што му дава малку подгрбавен изглед. Тој е убаво облечен и изгледа импозантно - вистински господин. Тој има пријатно, широко лице кое делува како маска: бело, румено, со крупни јаболчници и со свежа боја и со румени усни. Неговата коса е густа, сосема руса, а широката, густа брада е уште посветла од косата и му паѓа како топка. Тој има премногу сини очи и гледа студено, внимателно и замислено, погледот му е тежок и неподвижен, а во неговото убаво лице има нешто страшно непријатно.
Со својата сопруга склучил договор во кој се обврзал дека никогаш нема да ја остави и дека нема да има постојана љубовница, задржувајќи ја слободата да влегува во повремени краткотрајни љубовни авантури. Во текот на бракот, тој ѝ предизвикал на сопругата безбројни навреди и маки, а за време на честите расправии тој молчел и на тој начин секогаш успевал да ја смири.
Според неговото сопствено признание, тој е развратен човек и мрзливец, а на развратот гледа како на нешто што е постојано и втемелено на природата, нешто што не е подложно на фантазијата, нешто што гори во крвта, признавајќи дека единственото нешто што му се допаѓа се жените. Тој е човек кој „речиси за ништо не се интересира посебно“ и ничие мислење не го интересира, а не му е тешко ниту да биде „по малку простак“. исто така, според неговите зборови, тој никогаш кон никого не чувствувал голема омраза, никогаш не сакал да се одмаздува, не сакал да се расправа, ниту паѓал во оган.
И Дуња го опишува Свидригајлов како развратен и порочен човек, и тоа од најлошиот вид на тие луѓе, кој се оженил со Марфа Петровна само затоа што таа го спасила од сигурна затворска казна поради неговата вмешаност во ѕверското убиство на едно глувонемо девојче. Неколку години подоцна, тој бил виновен за самоубиството на слугата Филип, кој се обесил како последица на неговото систематско казнување и прогонување. Кога Дуња дошла да работи како гувернанта во неговата куќа, Свидригајлов најпрвин се однесувал грубо кон неа, постапувал неучтиво и ѝ се потсмевал пред другите, но подоцна го обзела страст кон неа така што ѝ упатил непристоен предлог, па дури ја наговарал заедно да избегаат во странство. Подоцна, тој специјално оди во Петроград, со цел да ја спречи свадбата на Дуња со Лужин, барајќи извинување од неа, и ѝ нуди 10.000 рубљи. За време на последната средба со Дуња, иако може да ја обесчести, откако конечно ќе се убеди дека таа не може да го засака, тој дури ѝ помага во нејзината намера да го убие. Сепак, пред крајот на неговиот живот, тој покажува и некои позитивни особини: ги плаќа трошоците за закопот на Катарина Ивановна, ги сместува нејзините сирачиња во пансион ѝ дава пари на Соња за да се оттргне од проституцијата и од сиромаштијата; ѝ поклонува голем износ пари на својата млада свршеница, а потоа, немајќи никаква надеж за подобар живот, тој извршува самоубиство.
Мармеладов е човек на околу 50 годишна возраст, со среден раст и со силна градба на телото; речиси ќелав, а остатокот од косата веќе му е побелена; лицето му е жолто, па дури речиси и зелено и подуено од постојаното пиење, очните капаци му се подуени, а очите му се ситни, крвави, но живи. Тој носи стара и валкана, парталава облека; лицето му е избричено на службенички начин, но целото покриено со остри, сиви влакна. И во неговото однесува се оцртува нешто достоинствено - службеничко. Тој е непоправлив алкохоличар кој во пиењето бара сожалување, утеха и тага, т.е. пие зашто посакува двојно да страда. По смртта на првата жена, со која имал 14-годишна ќерка, Мармеладов се оженил со вдовицата Катарина Ивановна, а тоа го направил од сожалување кон нејзината бедна положба. Потоа, цела година ја извршувал брачната должност побожно и свето, но потоа почнал да пие, особено откако бил отпуштен од службата. Подоцна, повторно нашол работа и тогаш се поправило неговото однесување, но по губењето на работата, повторно западнал во алкохолизам. Неспособен да се оттргне од пиењето, во една прилика, Мармеладов ѝ го украл клучот на Катарина, ги украл парите и отишол да пие; во друга прилика, кога останал без пари, без никаков срам отишол кај ќерка си Соња и побарал пари за пиење. Иако Катарина постојано го малтретирала, тој покажувал голема почит кон неа, сметајќи ја за великодушна дама.
Катарина Ивановна е сопругата на Мармеладов. Таа е образована, убава жена, висока и витка, со прекрасна костенлива коса, ќерка на висок офицер која била воспитана во пансион за благородници при што добила златен медал и пофалница од гувернерот на областа. Потоа, таа се омажила за пешадиски офицер и поради љубовта кон него побегнала од родителската куќа. Таа неизмерно го сакала својот прв маж, иако тој бил алкохоличар и коцкар и постојано ја тепал. По неговата смрт, таа останала со трите деца, а сите нејзини роднини се откажале од неа, така што западнала во крајна сиромаштија. Тогаш, од сожалување кон неа, Мармеладов ја побарал за жена, а таа прифатила зашто немала друг излез. Катарина е горда жена која, и покрај сиромаштијата, никому не му дозволува да ја понижува, а по осиромашувањето, таа живее само во спомените на среќното минато. Таа е понекогаш лута и неправична и тогаш го малтретира својот сопруг, иако нејзините постапки се делумно оправдани и разбирливи, имајќи го предвид тоа дека Мармеладов се однесува неодговорно кон семејството. Исто така, таа се однесувала многу лошо и кон Соња, па дури ја наговорила да се проституира за да обезбеди пари за егзистенција на семејството, а веднаш потоа паднала пред нозете на Соња и плачела, сочувствувајќи со неа. Таа е мајка на три деца од нејзиниот прв брак и кон нив постапува грижливо, работејќи во домот од утро до мрак. Како последица на лошите животни услови, Катарина е многу слаба, а на нејзините образи се видливи големи румени пеги. Притисната од болеста, устата ѝ е запечена, очите ѝ горат како во треска, дише нерамномерно и често се закашлува. Таа има навика секого да го прикаже во најсветли бои измислувајќи разни пофалби кои воопшто не се вистинити, но таа искрено верува во нивната вистинитост, а потоа наеднаш се разочарува од тој човек, го презира и ги прекинува врските со него. По смртта на Мармеладов, умот на Катарина е сериозно заматен и таа прави бесмислена постапка така што сите пари добиени од Раскољников ги троши на закопот и задушницата за сопругот, со цел да се покаже пред станарите. На крајот, таа сосема полудува и умира.
Лебезјатников е слаб човек, со мал раст, речиси неприродно русокос кого постојано го болат очите. По професија, тој е ситен службеник кој никогаш нема пари. Неговото срце е меко, но зборува самоуверено, понекогаш и гордо, а тоа секогаш испаѓа смешно поради неговата ситна појава. Тој уреден станар, кој уредно ја плаќа станарината и не е алкохоличар, но и покрај сето тоа, тој е навистина глупав и вулгарен човек, а можеби и лажго. Главната негова идеја-водилка е дека благородно е сто она што е корисно. Лебезјатников е поранешен штитеник на Лужин, кој потоа краткотрајно живее заедно со него, за време на неговиот престој во Петроград. Лебезјатников е банално и просто човече, кое со страст е вклучено во напредното движење, па дури настојува да го придобие Лужин да се приклучи кон идната комуна. Сепак, тој го мрази Лужин, сфаќајќи дека тој го презира. Во една прилика, Лебезјатников ја истепал Катарина Ивановна и токму тој се залагал Соња Мармеладова да биде истерана од станот. Сепак, тој изјавува дека тоа е само клевета и дека тој длабоко ја почитува Соња која некое време ја подучувал и ѝ позајмувал книги. Иако нема преземено никакви непристојни чекори кон неа, тој признава дека веднаш би прифатил, ако таа му се понуди, зашто Соња многу му се допаѓа.
Зосимов е млад човек на 27-годишна возраст. Тој е висок и дебел, со подуено и безбојно бледо, мазно избричено, лице, со руса права коса; носи очила, голем златен прстен и голем часовник закачен на широк златен синџир. Тој се облекува модерно, движењата му се лесни, бавни и смислено безгрижни, но во секој миг од него извира некаква скриена суета. Сите негови познаници го сметаат за тежок човек кој си ја знае работата.
Марфа Петровна е сопругата на Свидригајлов. Таа е чесна, необразована, но паметна жена. Марфа била неколку години постара од Свидригајлов, но многу вљубена во него, и затоа му помогнала да излезе од затворот така што го исплатила неговиот голем долг. Притоа, таа прифатила да се понижи и со него склучила неформален договор според кој тој се обврзал дека никогаш нема да ја напушти, а таа му дозволила да одржува повремени љубовни авантури. Сепак, знаејќи дека тој е развратник, таа била многу љубоморна на сопругот. На почетокот, Марфа многу ја сакала Дуња, но гледајќи ја страста на својот сопруг кон Дуња, таа ја избркала од својот дом, а потоа низ градот ширела вести дека е развратна девојка. Потоа, согледувајќи ја грешката, Марфа ѝ се извинила на Дуња и со тестаментот ѝ оставила 3.000 рубљи.
Според Борис Пастернак, „присуството на уметноста на страниците на „Злосторство и казна“ е многу попотресно од самото злосторство на Раскољников.“
This article uses material from the Wikipedia Македонски article Злосторство и казна, which is released under the Creative Commons Attribution-ShareAlike 3.0 license ("CC BY-SA 3.0"); additional terms may apply (view authors). Содржината е достапна под CC BY-SA 4.0 освен ако не е поинаку наведено. Images, videos and audio are available under their respective licenses.
®Wikipedia is a registered trademark of the Wiki Foundation, Inc. Wiki Македонски (DUHOCTRUNGQUOC.VN) is an independent company and has no affiliation with Wiki Foundation.