Македонски Брод (изворно и историски познат едноставно како Брод, од поимот брод — прегазлив дел од река) — гратче во западниот дел на Македонија.
Се наоѓа во горниот тек на реката Треска и претставува воедно средиште на областа Поречје и истоимената општина. Од Кичево е оддалечен 27 километри во источен правец, а од Прилеп 37 километри во северозападен правец. Со Скопје е поврзано преку регионалниот пат Скопје-Македонски Брод со должина од 100 километри, кој поминува низ резерватот Јасен. Исто така, со главниот град е поврзано и преку градовите Кичево, Гостивар и Тетово, при што должината така изнесува околу 150 километри.
Македонски Брод | |||
---|---|---|---|
град | |||
Панорама на Македонски Брод | |||
Местоположба на Македонски Брод во Македонија | |||
Координати: 41°30′00″N 21°13′00″E / 41.50000° СГШ; 21.21667° ИГД | |||
Држава | Република Македонија | ||
Регион | Југозападен Регион | ||
Општина | Општина Македонски Брод | ||
Првпат споменат во | 1300 | ||
Управа | |||
• Градоначалник | Жарко Ристески (ВМРО-ДПМНЕ) | ||
Надм. вис. | 585 м | ||
Население (2021) | |||
• Вкупно | 3.643 | ||
Демоним | Броѓани (мн.) | ||
Часовен појас | UTC+1 | ||
• Лете (ЛСВ) | UTC+2 (UTC) | ||
Повик. бр. | +389 048 | ||
Рег. таб. | MB | ||
Мреж. место | mbrod.gov.mk |
Македонски Брод е еден од помалите градови во Македонија. Тој се наоѓа во Поречката област и претставува нејзин административен и општински центар. Градот лежи на бреговите на горното сливно подрачје на реката Треска. Оттаму произлегло и неговото име Брод.
На местото на денешниот град, над водите на Треска постоел еден мост што ги поврзувал градовите Прилеп и Кичево. Мостот меѓу народот бил познат под името Брод.
Гратчето се наоѓа во средишниот дел на Западна Македонија, во областа Порече, во горното течение на реката Треска. Се наоѓа на надморска височина од 545 метри.
Според еден надгробен споменик пронајден во селото Крапа, утврдено е дека просторот бил населен со Римјани.
Подоцна, со доаѓањето на Словените, во овој крај се доселило словенското племе Берзити, односно Брсјаци.
Македонски Брод е стара населба. Првпат се споменува во една повелба на кралот Стефан Урош II Милутин од 1300 година. Стариот дел на населбата се наоѓал на левиот брег на реката Треска.
Во околината на Брод, во близина на селото Девич, видливи се остатоци од градби што ја потврдуваат претпоставката дека на тој простор, во средниот век, постоела населба која функционирала како центар на целата област. Таму се издигаат Девините Кули кои се изградени во близина на пештерата Пешна, каде пак се наоѓаат остатоци од ѕидините на градот, кој, според преданието, го изградила младата девојка Пешна, сестра на јунакот Крале Марко.
Вкупно 7 жители на оваа населба се заведени како жртви во Втората светска војна.
Од стопанските дејности населението главно се занимава со земјоделство и сточарство. Во градот има неколку индустриски погони меѓу кои најзначано е тутунското претпријатие. Со затворањето на фабриката за изработка на железни монети и огнено оружје „Сувенир“ во селото Самоков (поранешен општински центар) прекина работниот однос на голем дел од граѓаните на Македонски Брод кои беа вработени таму.
Македонски Брод е центар на истоимената Општина Македонски Брод, општина во западниот дел на Република Македонија. Општината зафаќа површина од 888,97 км2 и според територијата е трета општина по големина во Македонија, веднаш по Прилеп (1.194,94 км2) и Кавадарци (992,44 км2).
Територијата на општината се наоѓа под влијаније на умерено-континентална клима, кој се одликува со ладни и врнежливи зими, суви и топли лета. На високите планини е изразена планинска клима со кратки и ладни лета и долги и снежни зими. Најтопол месец со средна просечна месечна температура е јули со 25˚C. Најстуден месец со средна просечна месечна температура е декември со -15 до 3˚C. Екстремни температура се движат од 41˚C во август до -27˚C во јануари.
Во градот постојат избирачките места бр. 247, 247/1, 248, 248/1 и 249 според Државната изборна комисија, сместени во просториите на основното училиште и дом на пензионери.
На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 3.122 гласачи.
На Етнографската карта на Битолскиот Вилает од 1901 г. Брод се води како чисто македонско село во Кичевската каза на Битолскиот санџак со 30 куќи.
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралство Југославија во 1931 година, тогашното село Брод имало 350 Македонци.
Според пописот од 2002 година во градот Македонски Брод живееле 3.740 жители. Македонски Брод бележи благ, но постојан пораст на своето население, кое покрај раѓањето, највеќе се должи на доселувањето на луѓе од селата во Поречието.
Според пописот на населението од 2002 година, во градот имало 3.740 жители и спаѓал во групата на мали градови. Етнички гледано, населението е составено од:
Народ | Вкупно | Удел (%) |
---|---|---|
Македонци | 3.725 | 99,60 |
Роми | 3 | 0,08 |
Срби | 9 | 0,24 |
Бошњаци | 1 | 0,03 |
други | 2 | 0,05 |
Во градот се зборуваат следниве јазици:
Јазик | Вкупно | Удел (%) |
---|---|---|
македонски | 3.730 | 99,73 |
ромски | 2 | 0,05 |
српски | 4 | 0,11 |
други | 4 | 0,11 |
Во Македонски Брод се застапени следните религиски групи:
Вероисповед | Вкупно | Удел (%) |
---|---|---|
православни | 3.731 | 99,76 |
муслимани | 1 | 0,03 |
католици | 2 | 0,05 |
други | 6 | 0,16 |
Низ годините ова било вкупното население и етничка припадност на населението во градот Македонски Брод:
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Години | Македонци | Албанци | Турци | Роми | Власи | Срби | Бошњаци | Ост. | б.п. | Вкупно |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
1948 | — | — | — | — | — | — | — | — | — | 567 |
1953 | 613 | 1 | 5 | 0 | 0 | 3 | — | 6 | — | 628 |
1961 | 931 | 4 | 0 | — | — | 4 | — | 8 | — | 947 |
1971 | 1.155 | 1 | 0 | 0 | — | 18 | — | 45 | — | 1.219 |
1981 | 1.926 | 0 | 0 | 10 | 0 | 9 | — | 16 | — | 1.961 |
1991 | 3.256 | 0 | 0 | 0 | 0 | 8 | — | 13 | — | 3.277 |
1994 | 3.343 | 0 | 0 | 0 | 0 | 6 | — | 9 | — | 3.358 |
2002 | 3.725 | 0 | 0 | 3 | 0 | 9 | 1 | 2 | — | 3.740 |
2021 | 3.511 | 16 | 0 | 9 | 0 | 7 | 1 | 6 | 93 | 3.643 |
* Извор: Државен завод за статистика на Република Македонија (1948-2002), според податоци од официјалните пописи во соодветните години
This article uses material from the Wikipedia Македонски article Македонски Брод, which is released under the Creative Commons Attribution-ShareAlike 3.0 license ("CC BY-SA 3.0"); additional terms may apply (view authors). Содржината е достапна под CC BY-SA 4.0 освен ако не е поинаку наведено. Images, videos and audio are available under their respective licenses.
®Wikipedia is a registered trademark of the Wiki Foundation, Inc. Wiki Македонски (DUHOCTRUNGQUOC.VN) is an independent company and has no affiliation with Wiki Foundation.