Економски и монетарен сојуз на Европската Унија (ЕМУ) претставува општ израз кој ја опфаќа групата на политики насочени кон конвергентност на економиите на сите членки на Европската Унија.
Идејата за воспоставување на економски и монетарен сојуз во Европа датира уште од средината на минатиот век. Првите обиди да се создаде економски и монетарен сојуз се опишани во Вернеровиот извештај (Werner Report) од 1970 година, кој предвидувал комплетирање на сојузот во три фази до 1980 година. Во 1979 година, државите-членки на тогашната Европска заедница, едногласно донеле одлука за воспоставување на Европскиот монетарен систем (ЕМС). ЕМС претставувал систем на фиксни но проенливи девизни курсеви (интервалите на дозволените флуктуации биле поставени на +/- 2,25%) на европските валути, концентрирани околу централната едница наречена ЕЦУ (European Currency Unit). Ваквиот систем се темелел на механизмот на девизни курсеви (Exchange Rate Mechanism), според кој, меѓусебните флуктуации на курсевите на европските валути биле строго ограничени во многу тесен распон, додека нивното движење на светските пазари било оставено да се формира слободно. Овој механизам популарно бил нарекуван „змија“. Сепак, ЕМС бил повеќе од механизам на девизни курсеви, бидејќи го опфаќал и прилагодувањето на монетарни и економски политики како инструменти за остварување на стабилност на девизните курсеви. Како резултат на тоа, стапките на инфлација брзо се намалувале, при што следело подобрување на целопкупните економски резултати на земјите-членки и била обезбедена заштита на интра-европската трговија.
Нови посериозни обиди за создавање на Економски и монетарен сојуз следеле во 1986 година, со поставувањето на темелите на единствениот пазар, кога се согледала потребата од единствена валута за земјите-членки. Сепак, можеби најбитниот момент во историјата на Европската Унија е поврзан со тогашниот претседател на Европската комисија, Жак Делор и извештајот што го изготвил неговиот комитет, познат како „Делоровиот извештај“. Во јуни 1988 година, Европскиот совет иницирал предлагање чекори за воведување на заедничка валута, но исто така и за понатамошна имплементација на Европскиот монетарен договор. Ова барање резултирало со усвојување на Планот на Делор на состанокот на Европскиот совет во Мадрид, во 1989 година. Планот на Делор препорачал три фази за формирање економски и монетарен сојуз:
Имплементацијата на Делоровиот план започнала на 1 јули 1990 година, со целосна либерализација на капиталните текови и зајакнување на координацијата на економските, фискалните и монетарните политики на членовите на ЕЕЗ. Сепак, спроведувањето на втората и третата фаза барало некои измени во Договорот за основање на Европската заедница. Поради овие причини, на 4 февруари 1992 година бил потпишан Мастришкиот договор со кој биле опфатени нови поглавја за економската и монетарната политика. Мастришкиот договор ги дефинирал основите за воспоставување на Економската и монетарниот сојуз, како и чекорите и роковите за нејзино конечно спроведување во сите земји-членки на ЕУ. Во Договорот и Мастрихт, исто така, биле утврдени и критериумите за воведување на единствената валута. Затоа, земјите-членки на ЕУ, кои имале намера да ја воведат единствената валута, имале обврска да ги исполнат критериумите за конвергенција, како предуслов за воведување на еврото.
Со создавањето на Европскиот монетарен институт, на 1 јануари 1994 година, започнала втората фаза од развојот на Европската монетарниот сојуз. Европскиот монетарен институт бил посветен на подготовка и утврдување на деталите за ефикасно спроведување на целите, задачите, стратегиите и инструментите на Заедничката европска монетарна политика на Заедничката европска монетарна политика. Значењето на втората фаза од развојот на ЕМУ се одразило во создавањето на сите потребни предуслови за лесно прифаќање на монетарниот сојуз, со зајакнување на независноста на националните централни банки. Нивната независност првенствено се манифестирала во забраната за финансирање на буџетскиот дефицит од примарната емисија, како и усогласување на целите на националните централни банки со целите на идната Европска централна банка. Во втората фаза, на самитот на Европскиот совет во декември 1995 година, биле дефинирани конкретни чекори (транзициони сценарија) на патот кон реализација на монетарниот сојуз. Исто така, било најавено дека третата фаза на ЕМУ ќе започне на 1 јануари 1999 година, како и името на заедничката валута - еврото.
Во текот на втората половина на 1998 година била спроведена анализа на степенот на исполнетост на Мастрихшките критериуми. Потоа била формирана Европската централна банка (како правен наследник на Европскиот монетарен институт) и била донесена одлука за учество на 11 земји-членки кои ги исполниле критериумите во третата фаза од создавањето на ЕМУ. На 1 јануари 1999 година конечно се фиксирале валутите на националните валути на тие земји, а истиот ден било воведено еврото во форма на книговодствени пари. Вредноста на еврото во однос на единицата за европска валута (ЕКУ) било утврдено во однос 1: 1. Еврото, во форма на книговодствени пари, служело за безготовински плаќања. Со него се извршувале трансакции во платниот промет, а исто така служело и за прикажување на вредноста на сите финансиски инструменти. Заедно со воведувањето на кноговодственото евро, Европската централна банка ја презела одговорноста за спроведување на Заедничката монетарна политика на ЕУ во Еврозоната. Во 2000 година, Европскиот совет потврдил дека Грција ги исполнила критериумите за воведување на еврото. Така, од 1 јануари 2001 година, Грција им се придружила на земјите од еврозоната и станала дванаесетта членка на еврозоната. На 1 јануари 2002 година, со воведувањето на банкнотите и монетите на еврото во физичка форма започнала последната потфаза за создавање на Европската монетарниот сојуз. Бидејќи процесот на замена на старите европски валути можел да трае до два месеци, се смета дека од 1 март 2002 година, еврото станало единствениот официјален инструмент за плаќање во сите дванаесет земји од еврозоната.
Година | Опис |
---|---|
1962 | Претставен првиот предлог на Европската комисија за економски и монетарен сојуз (т.н. Marjolin Memorandum) |
мај 1964 | Основан е Комитетот на гувернерите на централните банки на земјите-членки на Европската Економска Заедница |
1971 | Со Вернеровиот извештај е поставен планот за остварување на економски и монетарен сојуз до 1980 година |
април 1972 | Воспоставен е систем за прогресивно стеснување на опсегот на дозволените флуктуации на девизните курсеви на земјите-членки на Европската Економска Заедница (т.н. „змија“) |
април 1973 | Воспоставен е Европскито фонд за монетарна соработка |
март 1979 | Основан е Европскиот монетарен систем |
февруари 1986 | Потпишан е Единствениот европски закон |
јуни 1988 | Европскиот совет назначил експертски комитет, под водство на Жак Делор („Делоров комитет“), со задача да направи план за остварување на монетарниот сојуз |
мај 1989 | „Делоровиот извештај“ е поднесен до Европскиот совет |
јуни 1989 | Европскиот совет донел одлука за остварување на економскиот и монетарен сојуз (ЕМУ) во три фази |
јули 1990 | Почетокот на првата фаза од ЕМУ |
декември 1990 | Меѓувладина конференција за подготовка на втората и на третата фаза на ЕМУ |
февруари 1992 | Потпишана е Спогодбата за Европската Унија („Мастришката спогодба“) |
октомври 1993 | Франкфурт е одреден како седиште не Европскиот монетарен институт (ЕМИ) и на Европската централна банка и номиниран претседателот на ЕМИ |
ноември 1993 | Стапување во сила на Мастришката спогодба |
декември 1993 | Александар Ламфалуси е поставен за назначен за претседател на ЕМИ |
јануари 1994 | Почеток на работата на ЕМИ и на втората фаза на ЕМУ |
декември 1995 | На мадридскиот Европски совет е одредено името на новата валута и сценариото за замена на готовите пари |
декември 1996 | Пред Европскиот совет се претставени банкнотите на еврото |
јуни 1997 | Европскиот совет донел одлука за Пактот за стабилност и раст |
мај 1998 | Прогласено е дека Белгија, Франција, Германија, Шпанија, Ирска, Италија, Луксембург, Холандија, Австрија, Португалија и Финска ги исполнуваат критериумите за воведување на еврото; назначени членовите на извршниот одбор на Европската централна банка |
јуни 1998 | Воспоставени се Европската централна банка и Рвропскиот систем на централни банки |
октомври 1998 | Европската централна банка ги објавила стратегијата и оперативната рамка на единствената монетарна политика |
јануари 1999 | Почетокот на третата фаза на ЕМУ; почетокот на еврото како заедничка валута; фиксирани стапките на замена на националните валути за еврото; почетокот на заедничката монетарна политика |
Критериумите за конвергенција се однесуваат на условите кои секоја земја-членка на ЕУ треба да ги исполни пред да приклучи кон монетарниот сојуз. Постојат четири такви критериуми:
This article uses material from the Wikipedia Македонски article Економски и монетарен сојуз на Европската Унија, which is released under the Creative Commons Attribution-ShareAlike 3.0 license ("CC BY-SA 3.0"); additional terms may apply (view authors). Содржината е достапна под CC BY-SA 4.0 освен ако не е поинаку наведено. Images, videos and audio are available under their respective licenses.
®Wikipedia is a registered trademark of the Wiki Foundation, Inc. Wiki Македонски (DUHOCTRUNGQUOC.VN) is an independent company and has no affiliation with Wiki Foundation.