Луковица (месно: Лукојца) — село во Општина Желино, во околината на градот Тетово.
Луковица | |
Поглед на селото Луковица | |
Луковица на карта | |
Координати 41°53′20″N 21°9′20″E / 41.88889° СГШ; 21.15556° ИГД | |
Регион | Полошки |
Општина | Желино |
Население | 7 жит. (поп. 2021)
|
Пошт. бр. | 1218 |
Повик. бр. | 044 |
Шифра на КО | 28043 |
Надм. вис. | 930 м |
Слава | Илинден |
Луковица на општинската карта Атарот на Луковица во рамките на општината | |
Луковица на Ризницата |
Селото се наоѓа во крајниот јужен дел на Општина Желино, сместено на североисточната падина на планината Сува Гора. Селото е планинско, на надморска височина од 930 метри. Од градот Тетово е оддалечено 28 километри.
Географски селото, како и околните, се наоѓа во областа Порече, но историски влегува во областа Долен Полог.
Атарот е мошне голем и зафаќа површина од 40,9 км2. На него преовладуваат шумите на површина од 1.504 хектари, на обработливото земјиште отпаѓаат 135 хектари, а на пасиштата 22 хектари.
До селото се стигнува преку асфалтниот пат кој се исклучува од стариот пат Скопје-Тетово, а подоцна продолжува во насока на селото Седларево. Од месноста Крстец се исклучува патот за селото Луковица и продолжува како земјен пат во должина од шест километри. Патот е во лоша состојба, особено за време на зимата и во дождливи денови. По долго време, на 21.07.2023 во тек е изградбата на дел од патот.
Во XIX век, Луковица било село во Тетовската каза на Отоманското Царство.
Животот на жителите на Луковица во турско време бил многу тежок и неподнослив, бидејќи селото често било на удар на поедини муслимански пљачкаши од околните села. Тогаш многу луковички девојки биле грабнувани од нив и преобратувани во ислам, а многу луковичани биле убивани на пасиштата, во шумата или на нивите. Воопшто, животот во Луковица до 1912 бил толку тежок што Македонците во селото едвај успеале да се одржат и опстојат.
Селото има полјоделска функција.
Во минатото, сточарството поради поволните природни услови, било многу развиено, а делумно и многу послабо населението се занимавало со земјоделство. Денес, поради иселувањето на жителите, малкуте преостанати жители, одвај и да ги обработуваат обработливите површини околу селото и одгледуваат малку добиток. Околу селото има ниви секаде каде што можела да се искрчи шума, така што некои се и по доста стрмни падини и страни. На нивите успеваат планински (стрни) жита, крмни растенија и билки, а во помала мерка и пченка. Во минатото, иако со земјоделство се занимавале сите жители, малку семејства произведувале толку жито за да не мораат да докупуваат. Затоа што е сместено на висина, во Луковица се чувало и доста добиток кој лете пасел на пасиштата околу селото сè до август, а потоа слободно се спуштал по сите ниви откако ќе се ожнеале посевите, додека зиме селаните имале трла на ниското земјиште крај Треска во кои се занимавал по еден член од домаќинството кој ја хранел стоката и ја носел на пасење кога немало снег. Во 1947 година селото Луковица имало: 933 кози, 650 овци, 129 говеда, 24 коњи, 12 магариња и 44 свињи. Во дворовите на куќите имало пчеларници со по 15 и повеќе кошници. Селаните носеле дрва на осамарени коњи или ги влечеле на ланци, а до 1946 година сите селани правеле ќумур кој го продавале во Тетово. Површината под шума во тоа време зафаќала 324 хектари.
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Според податоците на бугарскиот етнограф Васил К’нчов, селото во 1900 година имало население од 105 христијани (Македонци) и 106 муслимани (Албанци). Според податоците на бугарскиот публицист Димитар Мишев, селото во 1905 година имало 80 жители христијани (Македонци).
Рускиот публицист Афанасиј Селишчев во 1929 година забележал дека селото било дел од Општина Седларево и имало 31 куќа со 210 жители Македонци.
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралство Југославија во 1931 година, селото имало 300 Македонци.
Луковица брои 47 жители, сите Македонци. Поради големите миграции и премногу нискиот наталитет на селото му се заканува целосно раселување. Во последните години се забележани обиди на Албанци да се населат во селото, но безуспешно.
Денес, во селото постојано престојуваат само шест домаќинства.
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 7 жители, сите Македонци.
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Година | 1900 | 1905 | 1948 | 1953 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 1994 | 2002 | 2021 |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Население | 211 | 80 | 335 | 374 | 369 | 238 | 90 | 34 | 37 | 47 | 7 |
Жителите на Луковица според носијата и другите етнички особини и етнографски одлики се разликуваат од жителите во Порече и Полог. Нивната носија претставувала последен остаток од некогашната македонска носија која била раширена во областа Скопски Дервен.
Селото Луковица е населено исклучиво со родови на Македонци од православна христијанска вероисповед, чии предци се доселеници.Според истражувањата од 1949 година, родови во Луковица се:
Селото влегува во рамките на Општина Желино, една од ретките општини која не била променета со новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото исто така било дел од некогашната Општина Желино.
Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Тетово. Селото припаѓало на некогашната општина Сараќино во периодот од 1955 до 1965 година.
Во периодот 1952-1955, селото било во рамките на тогашната Општина Групчин, во која покрај селото Луковица, се наоѓале и селата Групчин, Гургурница, Добарце, Копачин Дол, Ларце, Мерово, Ново Село, Рогле, Седларево, Церово и Чифлик. Во периодот 1950-1952 година селото влегувале во рамките на тогашната Општина Седларево, во која влегувале селата Гургурница, Луковица и Седларево.
Селото е опфатено во склоп на избирачкото место бр. 2105 според Државната изборна комисија, кое е сместено во основното училиште во селото Луковица.
На локалните избори во 2017 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 31 гласач.
На претседателските избори во 2019 година, на ова избирачко место биле запишани вкупно 32 гласачи.
Жителите на Луковица главно се имаат иселено во градовите Тетово и Скопје.
This article uses material from the Wikipedia Македонски article Луковица (Тетовско), which is released under the Creative Commons Attribution-ShareAlike 3.0 license ("CC BY-SA 3.0"); additional terms may apply (view authors). Содржината е достапна под CC BY-SA 4.0 освен ако не е поинаку наведено. Images, videos and audio are available under their respective licenses.
®Wikipedia is a registered trademark of the Wiki Foundation, Inc. Wiki Македонски (DUHOCTRUNGQUOC.VN) is an independent company and has no affiliation with Wiki Foundation.