Зборот депресија вообичаено се користи за да се опише чувството на тага, кои сите ние ја чувствуваме во некои период од нашиот живот.
Ве молиме, обрнете внимание на ова важно предупредување во врска со темите од областа на медицината (здравјето). |
Тој исто така се користи при опишување на депресивни растројства кои можат да се дијагностицираат.
Бидејќи депресивните чувства се толку многу чести, важно е да се знае да се направи разлика кога човек се чувствува несреќен и тажен во секојдневниот живот и кога има симптоми на депресивно растројство. Повеќето луѓе се чувствуваат несреќни или тажни кога се соочуваат со стрес, на пример, со загуба на некој близок, при раскинување на врската со партнерот или со големо разочарување или фрустрација. Овие емотивни реакции се соодветни во ваквите ситуации и тие обично траат само одредено време. Овие реакции не се сметаат за депресивно растројство, туку како дел од секојдневниот живот.
Депресивните растројства се група на болести кои се одликуваат со долгорочно депресивно расположение или губење интерес за работите кои претходно биле забавни. Симптомите можат сериозно да го пореметат животот на лицето. Депресивните растројства се чести и скоро секое петто лице ќе доживее депресивно растројство во некој период од животот.
Депресивните растројства се сериозни и вознемирувачки болести со вистински ризици по животот и здравјето на лицето. Неопходно е проценка и лекување од стручно лице. Во сериозни случаи, во почеток може да биде потребно хоспитализирање на лицето. За среќа, лекувањето на депресијата обично е многу ефикасно.
Често постојат повеќе меѓусебно поврзани фактори кои се поврзуваат со депресија.
Утврдено е дека склоноста да се заболи од депресија е наследна. Тоа е слично на склоноста кон други болести, на пример, шеќерна болест и срцеви заболувања.
Се смета дека депресивните растројства делумно се должат на хемиската неурамнотеженост во мозокот. Ова неурамнотеженост се лекува со антидепресиви.
Стресот се поврзува со појавата на депресивни растројства, посебно личните трагедии или несреќи. Депресивните растројства почесто се јавуваат во одредени фази од животот кои вклучуваат големи промени во животот, на пример, раѓање на дете, климактериум и смртни случаи. Како резултат на тоа, тие почесто се јавуваат кај младите возрасни лица, жените, постари лица и лица со физички здравствени проблеми.
Луѓето со одредени карактери се повеќе склони да добијат симптоми на депресија. Депресијата обично се јавува кај луѓе кои лесно се обеспокојуваат, кои се многу чувствителни и емотивни и кои бурно реагираат или лесно се вознемируваат со работите кои им се случуваат во животот. Лицата кои се перфекционисти и самокритични и кои поставуваат високи стандарди за себе и за другите се склони на депресија. Лица кои се многу зависни од други лица исто така се склони на депресија ако се разочараат. За разлика од нив, лицата кои се оптимисти и кои позитивно размислуваат не се склони да заболат од депресија.
Штетното користење на алкохол и други видови на дрога ги прави луѓето да бидат многу склони на депресија. Тоа исто така придонесува за зголемување на ризикот од самоубиство кај луѓето со депресивни растројства.
Поголем број на различни ментални заболувања се пропратени со депресија.
Ова депресивно растројство најчесто се дијагностицира. Лице со главно депресивно растројство станува многу нерасположено и не ужива во животот. Тој/таа губи концентрација и енергија, а се јавува и нарушување на јадењето и сонот. Исто така, честа е појавата на чувство на вина. Чувствата на безнадежност и очај може да го наведат лицето да помислува на самоубиство. Главното депресивно растројство може да се појави без да постои некоја очигледна причина и тоа може да се јави кај луѓе кои добро се соочуваат со животот, кои се добри во тоа што го работат и среќни во семејството и друштвените односи со други луѓе. Појавата на растројството исто така може да ја предизвика некој потресен настан со кој лицето не може да се соочи. Кога симптомите на главното депресивно растројство се проретчуваат и се поблаги, меѓутоа траат подолго (повеќе од две години), болеста се вика дистимично растројство.
Лицата со оваа болест реагираат на стресни случки во нивниот живот, на пример, раскинување на блиска врска или губење на служба, меѓутоа на многу побурен начин отколку што е вообичаено. Чувствата на депресија се многу силни и често вклучуваат вознемиреност, недоволно спиење и промени во апетитот. Колку долго ќе траат симптомите е различно и тие може да траат од неколку недели до повеќе години. Лицата кои боледуваат од овој вид на депресија, често треба да се лекуваат, за да им се помогне да најдат начин за да се соочат со случката и да ги контролираат симптомите.
Таканаречените „baby blues“ (постнатална депресија) влијаат на скоро половина од сите нови мајки. Тие се чувствуваат малку депресивни, вознемирени, напнати или болни и може да имаат проблеми со спиењето иако поголем дел од времето се уморни. Овој вид на депресија може да трае само неколку часа или дена и потоа да исчезне. Меѓутоа, кај околу 10% од мајките ова чувство на тага се развива во сериозно растројство, познато како постнатална депресија. На мајките кои боледуваат од оваа болест им станува се потешко да се соочуваат со барањата во секојдневниот живот. Тие може да чувствуваат вознемиреност, страв, малодушност, тага и преголем умор. Некои мајки може да имаат напади на паника или да бидат напнати и нервозни. Може да дојде до појава на промени во апетитот и спиењето. Сериозна, меѓутоа ретка форма на постнатална депресија е постнаталната (пуерпералната) психоза. Жената не може да се соочува со секојдневниот живот и може да биде растроена во начинот на кој размислува и се однесува. Неопходно е и за мајката и за детето, постнаталната депресија да се лекува. За тоа постојат многу ефикасни терапии.
Лице кое боледува од биполарно растројство на расположението (претходно познато како манична депресија) има депресивни епизоди наизменично со манични периоди кои вклучуваат занесеност, хиперактивност, раздразливост, зголемена брзина на говорот и непромисленост. Во посериозни случаи, лицето исто така може да има делузии.
Лицата кои имаат депресија многу често имаат симптоми на анксиозност. Штетното користење на алкохол и други видови дрога често се јавува заедно со депресијата. Тоа го усложнува лекувањето и затоа важно е ефикасно да се контролира користењето на алкохол и други видови дрога. Кај луѓето со депресија исто така е зголемен ризикот од самоубиство.
Депресивните растројства може да се лекуваат многу ефикасно. Лицата кои чувствуваат тага подолго време, или кај кои тагата влијае на нивниот живот во голема мера, треба да го контактираат семејниот доктор или да одат во здравствениот центар во заедницата. Видот на лекување ќе зависи од симптомите кои ги има секое лице, меѓутоа ќе вклучува една или повеќе од наведените терапии.
Семејството и пријателите на лицата кои боледуваат од депресивно растројство често може да се збунети и потресени. Поддршката и подучувањето, како и подоброто разбирање од заедницата, се важни во лекувањето.
This article uses material from the Wikipedia Македонски article Депресивни растројства, which is released under the Creative Commons Attribution-ShareAlike 3.0 license ("CC BY-SA 3.0"); additional terms may apply (view authors). Содржината е достапна под CC BY-SA 4.0 освен ако не е поинаку наведено. Images, videos and audio are available under their respective licenses.
®Wikipedia is a registered trademark of the Wiki Foundation, Inc. Wiki Македонски (DUHOCTRUNGQUOC.VN) is an independent company and has no affiliation with Wiki Foundation.