Масакр во Беличица — масовно убиство извршено од балистите врз македонското население од горнореканското село Беличица на 19 септември 1944 година.
Во борбата со балистите, бранејќи го селото загинале 19 партизани од Третиот тетовски партизански одред. По завршетокот на борбата со партизаните, балистите убиле 17 жени, деца и старци од селото, а потоа го запалиле до темел целото село. Биле заробени и четворица партизани, од кои двајца биле стрелани во Тетово два дена потоа, на 21 септември.
По војната во месноста Трница, на 29 ноември 1972 година е подинат споменик во чест на загинатите партизани и жители на селото Беличица во овој масакр.
Горнореканското село Беличица во текот на НОВ било познато како партизанско село. Тоа дало голем број борци во Народноослободителната војска, било центар за врски на Комунистичката партија и Народноослободителната војска, а често овозможувало безбедно засолнување на илегалци и преминување на функционери на народноослободителното движење. Во Беличица и во нејзината околина често наминуваа партизански единици, кои селаните секогаш ги снабдувале со храна. Меѓу другото, во јули 1944 година на Бистра, близу Беличица, неколку дена престојуваше и Првата албанска бригада, која се одмораше по тешките битки што ги водеше во Албанија и на која беличичани им ја обезбедиле потребната храна додека била во реонот на селото.
Неколку месеци пред масакрот на 19 септември 1944 година, поточно во јули 1944 година, балистите веќе го имаа нападнато селото. Тогаш тие претепале многу селани, пљачкосале голем број добиток и убиле еден селанец.
Новиот напад врз селото, во утринските часови на 19 септември 1944 година го извршија преку 300 добро вооружени балисти на чело со Аќиф Речани. Непланирано, непосредно пред нападот на балистите врз Беличица, во селото пристигнале борците на Третиот тетовски партизански одред. Овој одред бил составен од 35 борци, од кои поголемиот дел штотуку беа станале партизани и од кои само 13-мина биле вооружени. Во својот состав Одредот имал Македонци, Срби кои биле доселени во Тетовско, како и Албанци. Одредот се движел од Шар Планина кон Караорман и Дебрца со цел дополнително да се вооружи, а потоа да се врати во Тетовскиот регион. Во раните ноќни часови на 19 септември Одредот влегол во Беличица со цел да воспостави врска и да се снабди со храна пред да продолжи понатаму. Кога сфатиле дека се опколени, и покрај својата слаба вооруженост и 10 пати помалата бројност, партизаните решиле да ја прифатат борбата и да го бранат селото. Во повеќе од шестчасовната борба, неколку партизани успеале преку јуриш да го пробијат непријателскиот обрач, но 19-мина биле убиени, а четворица биле заробени. Како што истакнува Нешо Маркоски, еден од борците на Третиот тетовски партизански одред, на бојното поле „еден покрај друг лежеа работник, земјоделец, ученик; Македонец, Србин и Албанец; двајца браќа и едната нивна сестра; неразделни другари од детството; соученици од тетовските училишта.“
Откако го совладале отпорот на партизаните, балистите влегле во селото и прво почнале да се изживуваат врз телата на убиените партизани, а потоа следувала планираната одмазда врз селаните. Биле убиени 17 жени, деца и старци, кои потоа биле фрлани во оганот на нивните запалени куќи. Најстарата старица која ја убиле балистите, додека лежела во својот кревет веќе подолго време поради тешка болест, Лиска Јовановска, имала 88 години, а најмладиот жител, Нада Брајковска, била девојче со само 12 години. Некои од жртвите биле и живи фрлани во оган, како 61-годишната старица Соломија Јовановска.
Четворицата партизани што ги заробиле балистите ги одвеле со себе, од кои тројца биле стрелани во Тетово два дена потоа, на 21 септември. Сепак еден од нив, Сретен Теофиловски, и со 17 куршуми во телото, не подлегнал на повредите и по стрелањето е спасен и излечен.
Во борбите и масакрот во Беличица загинале вкупно 38 партизани и селани. Жртви имало и кај балистите. Кај зградата на училиштето била разбиена и една група балисти со голем број на убиени, но нивниот број е непознат.
This article uses material from the Wikipedia Македонски article Масакр во Беличица, which is released under the Creative Commons Attribution-ShareAlike 3.0 license ("CC BY-SA 3.0"); additional terms may apply (view authors). Содржината е достапна под CC BY-SA 4.0 освен ако не е поинаку наведено. Images, videos and audio are available under their respective licenses.
®Wikipedia is a registered trademark of the Wiki Foundation, Inc. Wiki Македонски (DUHOCTRUNGQUOC.VN) is an independent company and has no affiliation with Wiki Foundation.