Сетилен систем — дел од нервниот систем кој овозможува добивање на информации од надворешната средина, преку специјални рецептори во периферијата, и пренос на тие информации низ серија од неврони и синаптички релеа до централниот нервен систем (ЦНС).
За некои од информациите кои се обработуваат од сетилниот систем животинскиот организам е свесен, а за некои не. Секогаш кога информацијата доаѓа до свеста за неа се вели дека е чувство, чувствена информација или сензација. Распознавањето на значењето на чувството се нарекува перцепција. Секој различен тип на чувство кое животното го доживува (допир, звук, болка, топло, ладно итн) се нарекува модалитет на чувството.
Сетилниот систем е составен од три дела: 1) сетилни рецептори, структури кои ги примаат информациите од надворешната или внатрешната околина; 2) нервни патишта, кои ги пренесуваат информациите до специјални делови од кората на големиот мозок; и 3) центри во кората на големиот мозок каде се анализираат примените информации. Сетилните рецептори се периферните делови на сетилниот систем. Природата на рецепторите варира од еден до друг сетилен модалитет. Рецепторите за вид, слух и вкус се специјализирани епителни структури, а соматосетилните и олфакторните рецептори се завршетоци на невроните од прв ред. Независно од разликите кај рецепторите, нивната функција е иста: да ја претворат енергијата на стимулусот (електромагнетни бранови, притисок, звук, итн) во електрохемиска енергија по пат на процес наречен сетилна трансдукција. Процесот започнува со деполаризација или хиперполаризација на сетилниот рецептор. Бидејќи овие промени се промени на мембранскиот потенцијал, тие се наречени рецепторски или генераторски потенцијал.
Доколку рецепторот е нервен завршеток, рецепторскиот потенцијал ќе предизвика појава на дејствен потенцијал на местото на првиот Ранвиеров јазол. Доколку рецепторската мембрана се наоѓа на одвоена специјализирана рецепторска клетка, тогаш од неа се ослободува невротрансмитер, кој дифундира во вонклеточната течност меѓу рецепторната клетка и аферентниот неврон и се врзува за посебно место на мембраната на аферентниот неврон (соодветен рецептор за тој невротрансмитер, кој е мембранска белковина). Ако промената на потенцијалот во аферентниот неврон е поголема од прагот на надразливост, се јавува дејствен потенцијал. Од висината на рецепторскиот потенцијал над прагот на надразливост ќе зависи честотата на дејствениот потенцијал, односно постсинаптичкиот потенцијал - повисокиот рецепторски потенцијал дава почести избивања на дејствениот потенцијал.
По формирањето на рецепторскиот потенцијал информацијата се пренесува до централниот нервен систем (ЦНС) преку серија на аферентни неврони кои се поредени како неврони од прв, втор, трет и четврт ред.
Постојат различни типови на сетилни рецептори. Тие се класифицираат во зависност од стимулусот кој го примаат и кој ги активира на: механорецептори, фоторецептори, хеморецептори, терморецептори и ноцицептори.
Механорецепторите се активираат со притисок или со промена на притисокот. Во механорецептори се вбројуваат Пачиниевите телца (ламеларни корпускули) во поткожното ткиво, Мајснеровите телца(тактилни корпускули), во деловите на кожата без влакна (допир), Меркел-Ранвиеровите клетки (тактилни епителни клетки) и Руфиниеви телца; барорецепторите во каротидниот синус (ги активира притисокот на крвта); и влакнестите клетки во Кортиевиот орган (ги активира аудитивна дразба). Фоторецепторите се активирани од страна на фотони од видливот дел на електромагнетниот спектар и го овозможуваат видот. Хеморецепторите се активирани од различни хемикалии и се вклучени во формирањето на чувството за мирис и чувството за вкус, како и во откривањето на концентрациите на кислородот и јаглерод диоксидот во регулацијата на дишењето. Терморецепторите се активираат од температурата или од промените на температурата. Ноцицепторите (рецептори за болка) се активираат од екстремен притисок, екстреми на температурата или штетни хемикалии.
Рецепторно поле е дел од телото, кое кога е стимулирано, предизвикува појава на дејствен потенцијал во невроните од I ред. Активноста на невроните од I ред може да биде зголемена или намалена, и во тој случај рецепторното поле е опишано како екцитаторно (се јавуваат чести дејствени потенцијали) или инхибиторно (предизвикува намалување на активноста на примарните сетилни неврони). Постојат рецепторни полиња за невроните од I, II, III и IV ред. Рецепторното поле варира во големина - ако е помало, тогаш попрецизно се идентификува и локализира сензацијата. Типично, невроните од повисок ред во централниот нервен систем (ЦНС) имаат покомплексни рецепторни полиња, бидејќи повеќе неврони конвергираат во релејните јадра на повисоките нивоа.
Сетилните неврони се одговорни за претворање на дразбата во нервен импулс. Кодирањето започнува кога дразбата се претвора од страна на рецепторот во рецепторски потенцијал и продолжува како дејствен потенцијал до повисоките делови на централниот нервен систем (ЦНС). При анализата на стимулусите може да се препознаат и толкуваат една или повеќе аспекти на стимулусот. Одликите коишто се анализираат можат да бидат сетилни модалитети, просторна локација, честота, интензитет, праг и траење на стимулусот.
This article uses material from the Wikipedia Македонски article Сетилен систем, which is released under the Creative Commons Attribution-ShareAlike 3.0 license ("CC BY-SA 3.0"); additional terms may apply (view authors). Содржината е достапна под CC BY-SA 4.0 освен ако не е поинаку наведено. Images, videos and audio are available under their respective licenses.
®Wikipedia is a registered trademark of the Wiki Foundation, Inc. Wiki Македонски (DUHOCTRUNGQUOC.VN) is an independent company and has no affiliation with Wiki Foundation.