Банкарска група KfW (германски: KfW Bankengruppe) — германска јавна финансиска институција за поддршка на претприемништвото и на малите и средните претпријатија.
Таа е наследничка на Кредитната институција за обнова (германски: Kreditanstalt fur Wiederaufbau, KfW) и се наоѓа во целосна сопственост на германската држава (80% на сојузната влада и 20% на регионалните влади).
Кредитната институција за обнова (KfW) била формирана во 1948 година (за време на окупацијата на Германија од страна на сојузничките сили) со основна задача да обезбеди кредити за обнова на земјата. Како прв приоритет на KFW се наметнала обновата на индустриските капацитети и на разурнатите домови во тогашна Западна Германија. Кредитите за оваа намена, во почетокот, главно ги добивале големите германски претпријатија од секторите рударство, челик, електрична енергија и сл., додека малите и средните претпријатија не биле во фокусот на интерес на банката. По завршувањето на обновата, кон средината на 1950-тите години, KFW се ориентирала кон малите и средните претпријатија. Малите и средните претпријатија станале главен приоритет на банката во 1960-тите, кога таа почнала да доделува инвестициски кредити за овие претпријатија и особено во текот на 1970-тите, кога во центарот на интерес на банката се наметнале малите и средните претпријатија со иновативни идеи и проекти, посебно во областа на штедењето енергија.
Во почетокот на 1970-тите, KFW почнала да развива посебна програма (т.н. М–програма) на кредитни производи за потребите на МСП. Во текот на 1980-тите, сојузната влада на Германија промовирала посебна програма за структурни промени, а во нејзини рамки значајна била и улогата на малите и средните претпријатија. Во 1990-тите, по обединувањето Германија, KFW пласирала големи суми кредити со цел да се поттикне развојот на источниот дел на земјата (т.н. нови региони). Во тие рамки, KFW, заедно со Банката за порамнување, доделила кредити за малите и средните претпријатија во износ од околу 50 милијарди германски марки. Во овој период, банката развивала сè поиновативни форми на инвестирање, меѓу кои и поддршка на развојот на пазарот на ризичен капитал, т.е. вложување во акции во иновативни мали и средните претпријатија, со голем потенцијал на раст. Во новиот милениум, KFW вовела променливи каматни стапки за малите и средните претпријатија, во зависност од ризичноста на проектите.
Во 2003 година, со спојување на KFW со Банката за порамнување, се формирала посебна деловна единица Банка за мали и средни претпријатија (KfW Mittelstandsbank). Со појавата на глобалната финансиска и економска криза во 2007-2009 година, банката развила посебни програми за поддршка на малите и средните претпријатија. Истовремено, било променето името на банката во Банкарска група KfW (KfW Bankengruppe). Оваа банкарска група подлежи на регулативите на СР Германија, на Европската комисија и на Базелската спогодба. Таа дала голем придонес за развојот на малите и средните претпријатија и на претприемништвото не само во Германија, туку и во Европа, во земјите во развој и во земјите во транзиција. Голем број јавни финансиски институции во Европа и во земјите во транзиција ги прифатиле принципите на работа и на поддршка и промоција на малите и средните претпријатија и на претприемништвото на KfW, вклучувајќи ја тука и Македонија. Така, МБПР е организирана по угледот на KfW.
Во мисијата на Банкарската групација KfW се потенцира дека таа ги поддржува промените и ги охрабрува напредните идеи во Германија, во Европа и насекаде во светот, при што:
Во рамките на Банкарската група KfW, постојат повеќе деловни единици: Банката за приватни клиенти, Комуналната банка, Финансирање на извозни проекти, Поддршка на земји во транзиција, Финансиски пазари - тргување со хартии од вредност и Банката за мали и средни претпријатија (KfW Mittelstandsbank).
Посебно место во рамките на банкарската група KfW зазема Банката за мали и за средни претпријатија, чии основни цели се следниве:
Основни принципи на работењето на Банката за мали и средни претпријатија се:
Банката за мали и за средни претпријатија има развиено широк спектар кредитни производи за потребите на малите и средни претпријатија – почнувајќи од start-up пари, преку најразновидни кредити приспособени за различните развојни фази на претпријатијата, кредити за структурно приспособување на малите и средни претпријатија, кредити за поддршка на извозот и за интернационализација на малите и средни претпријатија, иновативни кредити (за енергетска ефикасност, за заштита на животната средина и сл.), ризичен капитал за високоиновативни мали и средни претпријатија во повисоките развојни фази итн.
Со започнувањето на глобалната финансиска криза во 2007/2008 година, Банката за мали и за средни претпријатија создала посебна програма за малите и средни претпријатија (со три потпрограми) за кредити за фиксен и за обртен капитал за малите и средни претпријатија, под невообичаено поволни услови, а со цел да им помогне на малите и средни претпријатија полесно да се справат со последиците од кризата. Од овие програми на малите и средни претпријатија, до крајот на 2010 година, им биле одобрени кредити во износ од 4,6 милијарди евра.
This article uses material from the Wikipedia Македонски article Банкарска група KfW, which is released under the Creative Commons Attribution-ShareAlike 3.0 license ("CC BY-SA 3.0"); additional terms may apply (view authors). Содржината е достапна под CC BY-SA 4.0 освен ако не е поинаку наведено. Images, videos and audio are available under their respective licenses.
®Wikipedia is a registered trademark of the Wiki Foundation, Inc. Wiki Македонски (DUHOCTRUNGQUOC.VN) is an independent company and has no affiliation with Wiki Foundation.