Павел Шатев (15 јули 1882 во Кратово — 30 јануари 1951 во Битола) — истакнат македонски револуционер и анархист, член на Гемиџиите и еден од солунските атенатори.
Подоцна станува еден од основачите на ВМРО (Обединета), а по ослободувањето на Македонија - прв министер за правосудство. Бил и слободен ѕидар.
Павел Шатев | |
---|---|
Портрет на Шатев | |
Министер на правосудието | |
На должноста 16 април 1945 – 18 април 1946 | |
Претходник | нова функција |
Наследник | Васил Калајџиски |
Лични податоци | |
Роден(а) | 15 јули 1882 Кратово, Отоманско Царство |
Починал(а) | 30 јануари 1951 Битола, НР Македонија, СФР Југославија | (возр. 68)
Потпис |
Основното училиште го завршува во родниот град, а потоа се запишува во прогимназијата во Скопје. Натаму, во 1896 година своето образование го продолжува во Солунската бугарска машка гимназија, каде во 1900 година успешно матурира.
Истовремено се приклучува на Гемиџиите. Тие во април 1903 година ја изведуваат својата акција во Солун, копнеејќи за еден друг свет, свет без господари и робови, во кој сите ќе живеат слободни и рамноправни. Шатев е задолжен да го потопи со динамит францускиот брод „Гвадалкивир“. Оваа акција е успешно извршена, при што бродот бил запален, а и сите патници се спасени.
Уапсен е и на судскиот процес на 6 јуни 1903 година е осуден на смртна казна. Исчекувајќи го три години извршувањето на смртната казна во солунскиот затвор Еди Куле, на 23 април 1906 година, неочекувано, смртната казна му е заменета со доживотен затвор во Фезан, во Сахара.
Во 1908 година, по Младотурската револуција, добива амнестија и повторно доаѓа во Солун. По кусиот престој во Македонија, заминува во Брисел, каде студира на Правниот факултет.
Во текот на Првата светска војна е мобилизиран во бугарската војска, а по војната активно се вклучува во политичкиот живот на македонската емиграција во Бугарија.
Во декември 1921 година, на Основачкиот конгрес на Македонската емигрантска федеративна организација е избран за нејзин претседател.
Воспоставува соработка со претставниците на Коминтерната и СССР во Софија и од 1923 година станува професионален разузнавач за СССР.
Игра важна улога во потпишувањето на Мајскиот манифест, а од 1925 година активно учествува во дејствувањето на ВМРО (Обединета). Во 1931 година се враќа во Бугарија.
Во ноември 1941 година е уапсен од бугарската полиција, а во јуни 1942 година на големиот судски процес против комунистите е осуден на 15 години затвор.
По капитулацијата на Бугарија во септември 1944 година, потписник е на Апелот до Македонците во Бугарија заедно со други видни револуционери и дејци како: Ангел Динев, Туше Делииванов, Петар Шанданов, Михаил Герџиков и др. Се враќа во Македонија и се вклучува во политичкиот живот на македонската република. На 27 октомври 1944 година е кооптиран за делегат на АСНОМ, на Второто заседание на АСНОМ, одржано на 30 декември 1944 година, е избран за член на Президиумот на АСНОМ, а во април 1945 година станува прв министер за правосудство во првата Влада на слободна Македонија. На таа функција останува една и пол година, до изборот на нова влада, на 31 декември 1946 година.
Шатев влегува во судир со комунистичкото раководство на Македонија. По донесувањето на Резолуцијата на Инфорбирото, Шатев застанува на страната на советската партија. На 1 октомври 1948 година, заедно со Панко Брашнаров, до ЦК на Советската комунистичка партија упатува доверливо писмо во кое се тврди дека „прашањето за обединување на македонскиот народ уште од самиот почеток се поткопа поради неговото неправилно поставување од страна на ЦК КПЈ во смисла обединета Македонија да се присоедини кон ФНРЈ, без да се води сметка за посебните, специфични услови, ниту за братските соседни земји...“
На 16 јуни 1949 година Шатев е уапсен „како непријател на државата“ и набрзо, на 27 јуни, му е одземен пратеничкиот имунитет. Во истражниот затвор во Скопје е задржан 11 месеци, до мај 1950 година по што е испратен во Битола, во домашен притвор. Лишен е од контакти со надворешни лица и држан е во тешки услови. Набрзо се разболува и, бидејќи не му било дозволено да се лекува, починува во јануари 1951 година.
Властите не дозволуваат да биде погребан во родното Кратово. Закопан е на битолските гробишта, без дозвола на погребот да присуствуваат неговите најблиски.
This article uses material from the Wikipedia Македонски article Павел Шатев, which is released under the Creative Commons Attribution-ShareAlike 3.0 license ("CC BY-SA 3.0"); additional terms may apply (view authors). Содржината е достапна под CC BY-SA 4.0 освен ако не е поинаку наведено. Images, videos and audio are available under their respective licenses.
®Wikipedia is a registered trademark of the Wiki Foundation, Inc. Wiki Македонски (DUHOCTRUNGQUOC.VN) is an independent company and has no affiliation with Wiki Foundation.