Бучинци — село во Општина Илинден, во околината на градот Скопје.
Бучинци | |
Поглед на селото Бучинци | |
Бучинци на карта | |
Координати 42°1′59″N 21°38′26″E / 42.03306° СГШ; 21.64056° ИГД | |
Општина | Илиден |
Население | 235 жит. (поп. 2021)
|
Шифра на КО | 25018 |
Надм. вис. | 360 м |
Бучинци на општинската карта Атарот на Бучинци во рамките на општината | |
Бучинци на Ризницата |
Бучинци се наоѓа во крајниот источен дел на Скопската Котлина и припаѓа на Општина Илинден, а атарот се допира до територијата на Општина Куманово. Од градот Скопје е оддалечено 29 километри. Селото е рамничарско и лежи на 370 метри надморска височина. До самото село постои брана со вештачко езеро. Селото Бучинци е расположено во подножјето на ридскиот предел (Ајватовски Рид) кој е огранок на Скопска Црна Гора на запад и пространиот рамничарски предел на север, исток и југ. Од Бучинци и Мршевци кон североисток говорот е „кумановски“ или „шопски“, додека јужно е „блатиски“. Во Бучинци и овој дел на Скопската Котлина во минатото постоела границата во етнографско-фолклорните одлики и одлики помеѓу скопскиот и кумановскиот крај. Атарот на селото зафаќа простор од 6,8 км2 и на него преовладува обработливото земјиште на површина од 453 хектари, а на пасиштата отпаѓаат 198,6 ха.
Бучинци е едно од постарите села во Скопската Котлина, а воедно најстаро во североисточниот дел на скопската област. На месностите Градиште и Црквиште северно и северозападно од селото, се пронајдени остатоци од античко и повеќе други епохи, како и стари гробови. Староста на Бучинци се огледа и по тоа што во ова село сите селски родови се старинци („од век се овде“). Од пишаните документи од средновековиот период од XV век, односно од опширниот пописен дефтер бр. 12 од 1452/1453 година за тогашниот Скопски вилает, за селото Бучинци е запишано дека во него живееле вкупно 23 македонски христијански семејства, 3 неженети и 1 вдовица кои произведувале пченица, јачмен, 'рж, овес, граор, одгледувале лозја, чувале свињи и пчели во улишта за што остварувале приход од 3035 акчиња. Подоцна во XVI век, во 1544 селото имало 52 македонски христијански семејства, а во 1568 биле забележани 56 христијански семејства.
Во XIX век, селото е дел од нахијата Чаирско Поле (Блатија) во Скопската каза во Отоманското Царство.. Околу средината на XIX век Бучинци станало чифлик на Мемед-бег од Скопје, кој се задржал до 1912 година и на кој работеле сите селани кои во сопственост ја имале само стоката и добитокот. Македонското население на Бучинци кон крајот на XIX и почетокот на XX век, било активно во македонското револуционерно ослободително движење, па затоа во 1910 година во селото било спроведена акција за разоружување од османлиските власти, при што жестоко биле измачувани 14 жители на селото. Североисточно од Бучинци се наоѓа селото Грушино чиишто жители Албанци, вршеле многу злосторства и убиства над Македонците од Бучинци, кои се одржале и останале во селото единствено поради заштитата од бегот. Воочи на Првата балканска војна во 1912 година, турските власти ги уапсиле, однеле и затвориле во Скопје сите машки лица на возраст над 13 години. Само 2 момчиња успеале да се скријат во трлата, но биле пронајдени и убиени од Албанци од Грушино.
Името на селото Бучинци потекнува од македонскиот јазик и за неговото потекло и значење постојат неколку претпоставки. Тоа може да доаѓа ојконимот Бучин (=дол) од придавка од бука или од личното име Бучо. Сепак овие две претпоставки се неточни со оглед на местоположбата во подножје на рид и ниската надморска височина каде не растат букови дрвја. Во географската терминологија на дијалектите на македонскиот јазик именката бучин означува: „'место во река каде што паѓа водата (со бучава), мал водопад'“ односно бучен водопад. Доколку се земе ова предвид дека и се поврзе со условите на теренот, каде во долот до подножјето на ридот над Бучинци навистина постои мал водотек - поток со водопади, на кој е изградено денешното вештачко езеро, се потврдува веродостојноста дека името на селото Бучинци потекнува од мал бучен водотек/водопад и бучавата на водата.
Населението на Бучинци во најголем дел се занимава со земјоделство и сточарство, а особено е развиено и лозаро-овоштарствто. Условите за земјоделство се многу поволни и поради самата местоположба на селото бидејќи на долинските падини се одгледуваат суви, а на долинското дно (полето) влажни култури, а педолошкиот состав на земјата и климатските услови овозможуваат успевање на земјоделски и индустриски култури. Како и во околните села, најзастапени се житните култури: пченицата, пченката, јачменот, 'ржта. Исто така се одгледува и спанаќ и зеленчук под пластеник. Од сточарството најзастапено е краварството, а во помали размери и овчарството и козарството. Доста е развиено и лозарството на пространите лозја источно од селото, но и на ридовите западно од селото, заедно со овошните насади. Во минатото ова село сите селани работеле како стокари највеќе одгледувајќи овци и крупни говеда, а во многу голема мера се одгледувал и тутунот. За опаѓањето на сточарството придонело создавањето на земјоделскиот комбинат „Скопско Поле“ во шеесеттите години на XX век, кој сите пасишта ги претворил во житни посеви. Во минатото селаните од Бучинци ги посетувале пазарите во Скопје и Куманово, а во Скопје најчесто оделе да продаваат стока, затоа што имало повисоки цени. Пред влезот на селото постои и фабрички производствен погон, а некои од жителите имаат и сопствени приватни претпријатија.
|
| |||||||||||||||||||||||||||||||||
Според опширните османлиски дефтери за населението на Скопската Каза од 1832/33 година, селото е заведено под името Бучин и било христијанско, каде имало 40 христијански домаќинства. На овој попис биле забележани 141 мажи христијани, со 9 новороденчиња. Се проценува дека селото во тој период имало 300 жители.
Стефан Верковиќ во 1857 го бележи со 148 жители.
Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралството Југославија во 1931 година, селото имало 200 Македонци.
Според бројноста на жителите во селото Бучинци не се забележуваат големи и значајни промени. Така, во 1961 година селото Бучинци броело 302 жители, додека во 1994 година 226 жители, исклучиво Македонци.
Според пописот на населението на Македонија од 2002 година, селото има 226 жители, од кои 225 Македонци и 1 останат.
Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 235 жители, од кои 220 Македонци, 5 Срби, 2 останати и 8 лица без податоци.
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Година | 1900 | 1905 | 1948 | 1953 | 1961 | 1971 | 1981 | 1991 | 1994 | 2002 | 2021 |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
Население | 160 | 120 | 303 | 306 | 302 | 288 | 253 | 231 | 226 | 226 | 235 |
Бучинци е едно од ретките села во Скопско кое во целост е населено само со староседелски родови и нема доселеници во него. Населението на селото се дели на 10 старински родови:
Прослава на селската слава Света Троица со голем општонароден собор.
Личности родени во Бучинци:
Иако селото Бучинци нема доселеници, сепак тоа дало многу иселеници во други места. Се смета дека околу 30 семејства се иселени во другите села на Скопската Котлина, од кои 16 во Скопје. Иселеници од Бучинци има во следниве села: поранешното село, денес населба Кисела Вода како и денешните Усје, Бујковци во Скопско, Студена Бара, Вак'в и Винце во Кумановско.
This article uses material from the Wikipedia Македонски article Бучинци, which is released under the Creative Commons Attribution-ShareAlike 3.0 license ("CC BY-SA 3.0"); additional terms may apply (view authors). Содржината е достапна под CC BY-SA 4.0 освен ако не е поинаку наведено. Images, videos and audio are available under their respective licenses.
®Wikipedia is a registered trademark of the Wiki Foundation, Inc. Wiki Македонски (DUHOCTRUNGQUOC.VN) is an independent company and has no affiliation with Wiki Foundation.